Никола Груевски веќе не е претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Идниот претседател ќе се бира на вонреден конгрес што ќе се одржи во Валандово. Неофицијално, за претседателското место ќе се борат Мицковски, Димовски и Милошоски. Меѓу делегатите на конгресот се речиси сите кои се осомничени или обвинети од СЈО, но ниту еден од т.н „реформско крило“ или ФРОДЕМ

Поранешниот премиер Никола Груевски, од вечерва е и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Централниот комитет на партијата ја прифати неговата оставка и одлучи да се одржи вонреден конгрес на кој ќе се избере новиот претседател. Според засега неофицијалните информации, од околу 100 делегати присутни на состанокот, само еден гласал против прифаќање на оставката.„Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука, 16-от вонреден конгрес да се одржи на 22-ри и 23-ти декември во Валандово. На него ќе приуствуваат 544 делегати“, изјави генералниот секретар Христијан Мицковски.

Со ова заврши „ерата“ на Груевски во ВМРО-ДПМНЕ. Тој беше избран за претседател на партијата на конгресот во Охрид во 2003-та година, победувајќи го противкандидатот Марјан Ѓорчев. Функцијата ја извршуваше 14 години, од кои 11, ги мина и како премиер на државата. Инаку, последниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, највисокото тело на партијата, се одржа пред две ипол години, поточно во мај 2015-та во Куманово. Тогаш Груевски како премиер и актуелен претседател на партијата, беше единствениот кандидат и беше избран едногласно.

Комбинаторики околу неговиот наследник, има многу. Иако официјално никој не соопштил дека ќе се кандидира за престедател, низ јавноста кружат неколку имиња кои имаат најголеми шанси. Тоа се Христијан Мицковски, Илија Димовски и Антонио Милошоски. Поранешните министри и блиски соработници, Никола Тодоров и Никола Попоски, се во втор план.

Она што е јасно, е дека генералниот секретар Мицковски ја има поддршката на Груевски, како и на пратениците Александар Николовски и Влатко Ѓорчев. Тој во неколку наврати се појави на протестите заедно со Груевски, за разлика од останатите членови на Извршниот комитет на партијата. Мицковски неколкупати изјави дека е можно да се кандидира, но според информациите од редовите на партијата, тој не ужива голема поддршка во базата.

Антонио Милошоски вечерва пак изјави дека се` уште не одлучил дали ќе се кандидира за лидерската позиција. Според него потребно е да има транспарентен конгрес, а важно е и во кој правец ќе се движи партијата.

„Помалку е битно новото име за претседател. Повеќе е битен новиот концепт за делување на партијата, како една здрава опозиција“, изјави Милошоски.

Илија Димовски десетина дена не се појавува во јавност, и затоа не е познат неговиот став.

Според партискиот статут, кандидат за претседател на партијата може да биде оној кој ќе собере потписи од 30 делегати кои ќе учествуваат на конгресот во Валандово. Рокот за пријавување истекува на 21-ви декември.

Списокот на делегати веќе е објавен на веб-страницата на партијата и она што може да се забележи е дека на неа нема ниту еден претставник на т.н. „реформско крило“ или ФРОДЕМ, односно од „опозицијата“ во партијата.

Од ФРОДЕМ веќе реагираа, сметајќи дека конгресот за избор е нелегален и ќе покаже дека партијата нема сили да се оттргне од „фамилијата“.

„Одржувањето на вонредниот конгрес на партијата не треба да доведе до ново и дополнително разединување на партиското членство, туку тој треба да биде обединувачки конгрес. Со оставката на Груевски, во оставка е и Извршниот комитет кој веќе нема право да донесува никакви одлуки. Затоа ЦК треба да донесе одлука за одржување на вонреден конгрес на партијата, согласно одредбите од Статутот, односно во рок од 60 дена од донесувањето на одлуката“, велат од ФРОДЕМ.

На списокот на делегати се поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков и пратениците Крсто Муковски и Јохан Тарчуловски, кои се во притвор, односно куќен притвор поради нивната инволвираност во настаните од 27-ми април и насилствата во Собранието. На вонредниот конгрес како делегати ќе присуствуваат многу пораншени градоначалници како и комплетното поранешно раководство на партијата, вклучувајќи ги и Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Мартин Протуѓер, против кои СЈО има отворено истрага или поднесено обвинителен акт.

Извор: Гласот на Америка

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e