Неофицијално: Познато името на новиот министер за здравство

Неофицијално, според извори на НОВА ТВ , Зијадин Села имал разговор со премиерот Заев и го понудил нивниот кандидат, Вулнет Ферати. Изминатите денови се калкулираше со повеќе имиња, меѓу кои и еминентни лекари како предлог од СДСМ.

До крајот на неделата, односно викендов треба да биде назначен нов министер за здравство, брифираат високи извори за НОВА од Алијансата за Албанците.  Изворите на НОВА ТВ признаваат дека изборот многу се развлече, но велат дека тие не го блокираат процесот. Неофицијално, Зијадин Села имал разговор со премиерот Заев и го понудил нивниот кандидат, Вулнет Ферати.

„Сметаме дека навистина многу се продолжи ова, но во готовност сме, подготвени да го официјализираме нашиот кандидат“, велат извори за НОВА од Алијансата за Албанците.

Од Алијансата велат дека ова министерско место по редот на нештата им припаѓа на нив, а нивниот кандидат доколку биде назначен само би продолжил таму каде што застана Таравари.

Нема потврда од Владата до каде се преговорите со коалиционите партнери и дали премиерот размислува за понудата на Села.

Од ДУИ пак, велат дека во моментот немаат сериозни претензии кон ова министерство, како и дека се уште не е разгледано ова прашање во партијата.

„Се уште не знаеме ништо, но и немаме некои посебни претензии кон ова министерство. Ќе видиме што ќе одлучат органите на партијата“, изјави за НОВА Артан Груби, шеф на кабинетот на Ахмети.

Не се знае дали е ова нов момент во партијата или работите се разбрануваа по сериозните препукувања на двајца кандидати како претенденти за министерско место.

Изминатите денови се калкулираше со повеќе имиња, меѓу кои и еминентни лекари како предлог од СДСМ. Нема информации до каде е овој процес кој веројатно повторно се развлече поради ангажманите и патувањата на премиерот Заев. Пред една недела самиот премиер изјави дека избираат човек на кој народот ќе му верува, а не партија. Според она што до сега се дознава од партиски извори, но и се шпекулира во јавноста очигледно, ќе се избира партија. На кого ќе падне изборот останува да се почека уште неколку дена. Дотогаш, министерското столче и натаму останува празно.

Како што стои работата, нема некои информации дека Заев има најдено пратеници кои во парламентарното мнозинство ќе го заменат Зијадин Села, па според тоа, се поизвесно е дека Заев ќе се одлучи за задржување на коалицијата со Алијансата и ќе го прифати нивниот предлог за министер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e