Нашата чудесна Македонија

Граѓаните на Македонија ниту имаат резервна држава за да ја растураат оваа со војни, ниту пак, Македонија има многу успешни луѓе и таленти за да си дозволи лесно да ги изгуби или да ги остави да изгинат од Фејсбук-куршуми.

Ме растажи и ме вознемири „епизодата“ со Владо Јовановски, и сѐ што следеше како ехо по неа. Но, ме охрабри нејзиниот епилог – признанието на Јовановски дека никогаш не посакувал војна и дека погрешно бил разбран неговиот став на Фејсбук. Го гледав неговиот настап на ТВ 24 и верувам дека тоа искрено го мисли.

Видливата нервоза, упаѓањето во збор на соговорниците, па дури и неразбирањето на поддршката што некои од нив му ја изразија, се очекувани реакции од човек кој во еден момент е „надвор од себе“, лут, гневен, обземен од чувство дека е изложен на јавен отстрел.

Јовановски приватно не го познавам, што не ме ограничува да му се обратам од позиција на негов почитувач како уметник. Го сметам за еден од најраскошните таленти на нашата сцена. И за него, и за некои други ретки, но исклучителни таленти од различни сфери, ова и не би било голем комплимент, со оглед дека рефлектираат потенцијал кој плаче за многу пошироки хоризонти, далеку од овдешното, тесно, локално глорифицирање.

За жал, изминативе 25 години, сите заедно не успеавме да изградиме општество во кое талентот, успехот и резултатите ќе бидат реално вреднувани, охрабрувани и лансирани и надвор од границите на земјава

За жал, изминативе 25 години, сите заедно не успеавме да изградиме општество во кое талентот, успехот и резултатите ќе бидат реално вреднувани, охрабрувани и лансирани и надвор од границите на земјава. Напротив, политиката успеа да ја окупира културата за свои потреби, да ја умртви можноста од постоење каква било авангарда во отворањето важни општествени теми и процеси, и да ги подели уметниците според мандатно алиментирање и избирање на „свои ѕвезди“.

Па така, едните секогаш се чувствуваат удобно во време на една власт, а другите – кога таа ќе падне. Звучи грдо, и не е типично само за сферата на културата туку и за сите други. Но, факт е дека сите ние заедно, со чинењето или со нечинењето, дозволивме тоа да се случи.

Гледано од тој аспект, господине Јовановски, можам да речам дека сите ние сме Фауст. Дека сите сме склучиле некаков договор со демонот. Некои со Мефистофел од партиска провениенција, некои со Мефистофел персонифициран преку завет на молк, затворање очи, понизност, беспоговорна послушност или незаинтересираност…

Претпоставувам дека добро знаете оти идеите на уметниците, на промислувачите, на авангардните агенси во општеството никогаш не егзистираат во стратусот каде што се вкрстуваат партиските политики. Тие агенси се натполитички, вивнати во повисоки сфери кои обезбедуваат дистанца од можна зараза со симптомите на политиката, дури и ако не е толку валкана како нашата, и се можност за нејзина објективна критика. За жал, кај нас таа разлика во нивоата е изгубена, или ја има во многу мали, речиси ендемски дози, што не е доволно.

Затоа и доаѓа крикот за промени и нови стандарди, бидејќи сѐ е поклопено од политики, поделби, тензии, говор на омраза, закани…

И како што во куќата на обесениот не е пожелно да се спомнува „јаже“, така и во земја ничкосана од разни кризи не е добро да се спомнува зборот „војна“. Затоа стигнуваат реакции. Не затоа што некој го мрази Владо Јовановски или сака да го стави на отстрел.

Напротив, затоа што не очекува такви зборови од личност која си обезбедила почит во својата професија. Реагираат, затоа што стравуваат дека нивниот Владо влегол во зона од која никој не ќе може да излезе како победник. Во војна губат сите.

Целата колумна на Катерина Блажевска објавена на Призма прочитајте ја тука

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e