Mицкоски го разреши Груевски

Ниеден партиски функционер не го изложил Груевски на јавен тест, како што тоа го направи Мицкоски. Божем бранејќи го, перфидно му ја откри цената во однос на трите услови што треба да ги исполнува лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е прв од најблиското и доверливо опкружување на Груевски, кој прв јавно му пукаше во нога на партискиот лидер.

„Доколку Никола Груевски замине од првата позиција на партијата, идниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ треба да исполни три основни пилари. Првиот пилар, првиот столб е – да биде лик којшто ќе биде прифатен од базата, односно од членовите. Вториот пилар или вториот столб е да има позитивна перцепција во јавноста, да има позитивен рејтинг во јавноста. Третиот важен столб – е да биде прифатен од меѓународната заедница. Кој било лик, кој ќе ги исполнува или приближно ќе ги исполнува овие три пилари, ќе биде идниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, доколку Никола Груевски замине од првата позиција“, изјави Мицкоски во интервју за емисијата Фактор магазин на ТВ 24.

На прашањето дали Никола Груевски треба да си поднесе оставка, Мицкоски одговори: „Да почекаме што ќе покаже анализата и врз основа на тие заклучоци ќе влечеме и одговори“.

Со ова интервју, Мицкоски откри неколку клучни факти. Дека заминувањето на Никола Груевски од партијата може да се случи единствено ако Никола Груевски самиот реши „да замине од првата позиција“, бидејќи во ниту една реченица не ја спомна можноста „доколку му биде изгласана недоверба“.

Второ, откри дека длабинската анализа на причините за изборниот дебакл е само купување време, бидејќи и без неа постојат три столба на кои би требало да се темели довербата во еден лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Ако тие услови треба да ги исполнува некој иден лидер, значи треба да ги исполнува и сегашниот. Така Мицкоски свесно или несвесно го изложи Груевски на јавна проверка во однос на трите столба. А таа проверка покажува дека Груевски не исполнува ниту еден од посочените критериуми. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во моментов не може да се пофали дека ја има комплетната доверба во партиската база. Се зголемува бројот на членови кои во изминатите месеци почнаа да се приклучуваат кон Иницијативата за внатрешни реформи во партијата, со барање за смена на партискиот статут кој овозможува лидерот да решава за се, како и одржување на нов, демократски и обединувачки Конгрес, на кој членството ќе избере лидер. Фактот што Груевски ја игнорира и омаловажува оваа иницијатива, најдиректно го покажува стравот дека нејзиното прифаќање ќе биде вовед во негова сигурна детронизација. Но, иницијаторите за реформи не се неговата единствена главоболка.

Факт е дека на локалните избори на Груевски му стигна „поздрав од неговите“ преку апстиненција или негласање за ВМРО-ДПМНЕ, поради револт што голем број членови на партијата се соочија со судски процеси за настаните од крвавиот 27-ми април. Дел од нив го обвинуваа на социјалните мрежи дека „срамно ги оставил на цедило“, со што имплицираа кој ја дал наредбата за упадот во парламентот, но и дека се изиграни некакви гаранции за неказнивост. Ако кон ова се додаде и повеќегодишното незадоволство на старите партиски членови, поради фактот дека идеологијата на партијата е заменета за некаков конфузен амалгам во кој орото го водат кадри од времето на комунизмот, за каков го посочуваат вечниот Михајло Маневски, и голобради момчиња – нови послушници на Груевски со кои тој ги „освежи“ органите на партијата, тогаш се побројни стануваат круговите во базата, во кои се тресе тлото под нозете на лидерот.

Во однос на вториот услов, уште потешко е да каже дека Груевски има „позитивна перцепција и позитивен рејтинг во јавноста“. Се разбира, доколку под тоа не се подразбира само „македонскиот дел од јавноста, поконкретно „народот“ лоциран во, и околу неговата партиска база, кон која Груевски се обраќаше во текот на декемвриските избори, со став дека партијата победила кај Македонците. Откако со тоа ги сведе Албанците на небитен дел од истата јавноста, на јавна сцена изврши самубиство на коалицискиот капацитет на партијата, по што и дотогашниот верен партнер ДУИ реши да сврти нова коалициска страница. Но, тоа не е сѐ. Перцепцијата за Груевски и неговиот рејтинг, (покрај падот што што пред изборите го утврдија релеватни истражувања на јавното мислење), не извира само од сликата за неговата еродирана партиско-политичка моќ која статутарно се крепи за фотелјата во Белата палата. Таа се гради и преку цел сет етички и други критериуми кои избија во прв план по објавувањето на „бомбите“. Груевски уште повеќе предизвика негативен одиум, со тоа што повеќе од две години ги игнорираше „бомбите“, во надеж дека со помош на негови судии ќе излезе од минското поле, добивајќи судски сертификат за неговиот чист и морален лик. Но, претстојните реформи во судството навестуваат дека тој исход ќе зависи исклучиво од доказите во судските постапки, а не од оние кои се заколнале на судиска послушност во тефтерчето на Гордана Јанкулоска.

Третиот услов, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да биде прифатен од меѓународната заедница, е најконтраверзното нешто што може да се слушне од оваа партија. Или таа е во толку конфузна состојба што секој меле на своја воденица, или Груевски навистина развеал бело знаме. Условот е многу индикативен, бидејќи токму Груевски влезе во жестока војна со претставници на меѓународната заедница. Партијата долг период иронизираше раскажувајќи ги средбите со амбасадорите на еден крајно непристоен начин, ги обвинуваше „странците“ за политички инженеринг, за „жолти комбиња“, за мешање во внатрешните работи на Македонија. По сето тоа, условот – лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да биде прифатен од меѓународната заедница личи на големо салто мортале, бидејќи Груевски само пред две недели, коментирајќи ги лошите изборни резултати, меѓу другото рече дека згрешиле што се обиделе некому да му се допаднат. Дали е на повидок нов таков обид, или за да нема мистификации од партијата треба да објаснат: дали кога велат „меѓународна заедница“ мислат, пред сѐ, на Виктор Орбан или и некој друг, но повторно со илиберален шмек?

Како и да е, Груевски е сѐ поосамена фигура во партијата. Прес-конференциите претежно ги држат лица непознати за јавноста, кои само благодарение на „невремето“ дури сега добиле малку внимание во партијата, кога сите други го напуштаат бродот. Некогашниот најблизок соработник на Груевски, Никола Тодоров, си даде оставка од пратеничката функција за да се посвети на адвокатурата, но „и да може да даде поголем придонес во партиските активности“. Оттогаш во партијата поминува поретко и од поштарот. Првиот дипломат на Груевски, Никола Попоски, подолг период е невидлив. Но, дури и во нивното исчезнување има повеќе чесност, гледано од аспект на односот кон Груевски. Ниту еден од нив не го изложи Груевски на ваков тест, како што тоа го направи Мицкоски со изјавата за трите столба. Прашање е дали и првиот човек по функција до лидерот го крева сидрото, или божем бранејќи го, перфидно му ја открива цената на лидерот. Што и да е, по ваквото посредно екстерно тестирање на Груевски, само човек без никакво чувство за реалност би останал на лидерската позиција, без да повлече некаков потег во стилот „со штитот, или на него“.

Извор: Дојче веле

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e