Лукаревска во интервју за “Капитал”: УЈП нема да биде казнена експедиција, во Македонија данокот се плаќа доброволно!

Заложба на Министерството за финансии и УЈП е воспоставувањето на динамика на навремен поврат на ДДВ, што секако влијае и на вкупната наплата на овој данок. Само во јануари, на даночните обврзници по основ на ДДВ вратени се 1,9 милијарди денари, што е за 665 милиони повеќе во споредба со истиот период во 2017 година или за 1 милијарда денари повеќе во однос на 2016 година. УЈП навремено ги администрира барањата за повратот на ДДВ и ги доставува на извршување до Министерството. Секако има случаи каде тоа не можеме да го правиме веднаш и потребни се дополнителни проверки и контроли, затоа што ДДВ-то е доста ризично. Најчест механизам користен од страна на даночните обврзници за “испумпување“ на средства од Буџетот е токму преку барање на нереален поврат.  

Интервју на директорката на УЈП, Сања Лукаревска за “Капитал“.

Г-ѓа Лукаревска, каква е наплатата на даноците од почетокот на годината? Се зголемува ли моќта на компаниите и граѓаните да плаќаат даноци и каква е состојбата со долгот на државата кон приватните компании по основ на поврат на ДДВ?

Иако за подетални анализи е се уште рано, бидејќи зад нас е само еден месец, можам да дадам генерална оценка дека наплатата на даночните приходи се движи и очекувам да продолжи во добра насока. Со заокружувањето на првото тримесечје би можеле да излеземе со поточни оценки и прогнози. Во секој случај, првичните податоци укажуваат на тоа дека наплатата бележи пораст во споредба со минатата година кај Данокот на добивка и Персоналниот данок.

Што се однесува до ДДВ-то, знаете дека особено заложба на Министерството за финансии и УЈП е воспоставувањето на динамика на навремен поврат на ДДВ, што секако влијае и на вкупната наплата на овој данок. Само во јануари, на даночните обврзници по основ на ДДВ вратени се 1,9 милијарди денари, што е за 665 милиони повеќе во споредба со истиот период во 2017 година или за 1 милијарда денари повеќе во однос на 2016 година.

УЈП навремено ги администрира барањата за повратот на ДДВ и ги доставува на извршување до Министерството. Секако има случаи каде тоа не можеме да го правиме веднаш и потребни се дополнителни проверки и контроли, затоа што ДДВ-то е доста ризично. Најчест механизам користен од страна на даночните обврзници за “испумпување“ на средства од Буџетот е токму преку барање на нереален поврат.

Важен факт е дека 90% од вкупниот нето наплатен данок се однесува на доброволно платен данок, а само 0,72% од вкупната наплата на даночни приходи произлегува од работата на Даночниот инспекторат и откриени даноци во тек на контрола. Токму заради овие факти, УЈП ќе ја градиме како услужно ориентирана институција и не смееме да си дозволиме да бидеме заложници на поединци и вработени кои не се достоинствени на даночната службата, односно кои ја “рекламираат“ Управата како казнена експедиција или нечија “продолжена рака“, а себе си се ставаат во улога на “недопирливи локални шерифи“. Имиџот и капацитетот на Даночниот инспекторат ќе се потрудам да го смениме, а на несоодветните кадри во инспекциските служби ќе им овозможиме да се пронајдат во другите функции на УЈП каде навистина ќе можат да придонесат за угледот и резултатите на УЈП.

Во последно време се создаде перцепција дека УЈП врши засилена контрола и инспекции што доведе до затворање на повеќе локали. Управата стана помалку флексибилна или пак даночните обврзници се релаксираа по промената на власта? Што покажуваат вашите податоци, колку контроли се спроведени и кој е исходот од тоа?

Состојбите на намалената даночна дисциплина во делот на фискализација, е првото нешто што го затекнав со моето назначување за прв даночник. Истите беа повеќе резултат на периодот на политичката криза во Македонија, а во такви услови некои даночни обврзници знаат да се “приспособат“ и да го “искористат моментот“. Од друга страна, не е ниту новина, ниту пак Македонија е изолиран случај, каде секогаш постои некој кој ќе го заобиколува законот. Улогата на УЈП и нашата работа е тоа да го спречиме, да делуваме превентивно и секако да обезбедиме услови на лојална конкуренција. Недозволиво е во 2018 година, уште да зборуваме за тоа дали некој треба да поседува фискален апарат и дали треба или не треба да издава фискална сметка. За нас постои само една перцепција – законот важи за сите и оној кој нема да го почитува нема да се толерира.

Дека делувавме повеќе превентивно во изминатата 2017 година, говорат и нашите бројки. Од вкупно 710 даночни контроли, во 66 случаи УЈП изрекла казни поради сторен прекршок. Останатите наши посети на даночните обврзници и присуство на терен беше повеќе од советодавен карактер. Ова ќе се промени оваа година. Делувавме превентивно изминатата година, дополнително се направија значителни олеснувања во казнената политика со последните измени на Законот за регистрирање на готовински плаќања. Нема повеќе аргументи да се создаваат погрешни перцепции, особено дека УЈП е во некакви казнени експедиции. Секој треба да работи согласно законот.

Како одлучува УЈП во кои компании ќе врши контрола? Како знаете кои се најризичните даночни обврзници и има ли простор за субјективно праќање на инспекции?

Контролите се планираат на годишно ниво, пред стартот на календарската година. Се зема предвид ризичноста на компаниите и расположливоста на инспекторите. Во делот на капацитетот на Даночниот инспекторат, за жал во изминатите години не е инвестирано доволно во задржување на човечкиот капитал, пренос на знаење и јакнење на капацитетите на оваа функција на УЈП. Генерално се соочуваме со природен одлив на кадар, или попрецизно 321 колеги ја имаат напуштено УЈП по различни основи во последните 6 години, а само во 2017 година оваа бројка изнесува 71 луѓе . Од друга страна, не навлегувајќи во објективноста, факт е дека најголемиот број на поплаки кои пристигнуваат на адреса на УЈП се за непрофесионално однесување на даночната инспекциска служба. Друг важен факт е дека 90% од вкупниот нето наплатен данок се однесува на доброволно платен данок, а само 0,72% од вкупната наплата на даночни приходи произлегува од работата на Даночниот инспекторат и откриени даноци во тек на контрола. Токму заради овие факти, УЈП ќе ја градиме како услужно ориентирана институција и не смееме да си дозволиме да бидеме заложници на поединци и вработени кои не се достоинствени на даночната службата, односно кои ја “рекламираат“ Управата како казнена експедиција или нечија “продолжена рака“, а себе си се ставаат во улога на “недопирливи локални шерифи“. Имиџот и капацитетот на Даночниот инспекторат ќе се потрудам да го смениме, а на несоодветните кадри во инспекциските служби ќе им овозможиме да се пронајдат во другите функции на УЈП каде навистина ќе можат да придонесат за угледот и резултатите на УЈП.

Намалување на субјективноста во планирањето и спроведувањето на надворешната контрола треба да ни овозможи и новиот систем за евалуација на ризици. Станува збор за проект кој се имплементира во УЈП со донаторска помош од Австриската агенција за развој, а кој е во завршна фаза. Целта на проектот е воспоставување на објективна и точна селекција на даночни обврзници за контрола, преку имплементација на софтвер и унапредување на процесот на анализа на ризик во надворешната контрола и управувањето со ризикот на усогласеноста кај даночните обврзници.

Целото интервју на директорката на УЈП, Сања Лукаревска за “Капитал”, на линкот тука.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e