Ковачевски: Наша обврска како владејачко мнозинство е да обезбедиме општа и амандманска расправа за Буџетот

Изјава за медиуми,
Васко Ковачевски, пратеник во Собранието на Р.Македонија
Скопје, 05.12.2017

Со овластување дадено од претседателот на Собранието Талат Џафери, од денеска јас ќе претседавам со Комисијата за финансирање и буџет. Токму затоа за денеска во 13 часот закажав продолжение на оваа Комисија, на која ќе продолжи општата расправа за Предлог-Буџетот за 2018 година.

Ова беше неизбежен чекор, бидејќи сите сме сведоци дека изминатава недела секојдневно седниците беа закажувани и откажувани, а роковите течат. Наша обврска е да ја запазиме процедурата за усвојување на еден од најважните документи, од кој зависи целокупното функционирање на државата.  

Ние, како владејачко парламентарно мнозинство сме должни да обезбедиме општа и амандманска расправа за Буџетот. Верувам дека и пратениците од ВМРО-ДПНЕ ќе учествуваат на седницата и ќе дадат свој придонес во подготовката на Буџетот, со оглед на тоа што имаат поднесено голем број амандмани.  

Доколку одлучи да се вклучи во работата на Комисијата за финансирање и буџет, претседателката Лилјана Кузмановска може во секое време да продолжи и да претседава со Комисијата.

За нас како пратеничка група е клучно да има конструктивна и квалитетна дебата за Буџетот. 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e