Ивона Талевска утре треба да се појави на суд

Во кривичниот суд утре треба да почне судењето за новинарката Ивона Талевска во предметот на СЈО познат како „Тифани“. Името на предметот е од познатиот луксузен бренд за долна облека „Тифани“. СЈО ја обвини Талевска дека затајувала данок.

Според обвинението, Ивона Талевска како сопственик и управител на „Смарт центар“ ДООЕЛ експорт-импорт – Скопје и агенцијата „Смарт“ во периодот од 2008 до 2014 со намера таа и правните лица да избегнат плаќање даноци давала лажни податоци за фактите кои се однесуваат за пресметување данок. Таа за наводните потреби на фирмите купила долна облека од 500 евра, облека во износ од 33.508 евра, очила, шминки за 1009 евра, луксузен мебел, сигурносни врати, велосипеди и слично. Фирмите на Талевска не платиле даночни обврски во износ од 37.634 евра, а обвинетата не платила данок во износ од 16.924 евра.

Како што веќе објави „Макфакс“, судијката Софија Лаличиќ, која во бомбите разговараше со ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, за избор на судии во кривичниот суд, ќе ја суди новинарката Ивона Талевска. Според распоредот на претседателот на судот, Иван Џолев, Лаличиќ суди во одделот за кривично-полнолетни. Судијката од бомбите се иззема од сите предмети на СЈО. Кај неа не се падна за оценка ниту едно од обвиненијата на обвинителството на тимот на Јанева. Лаличиќ се иззема од судскиот предмет „Тотал“ против Драган Павловиќ – Латас. Дали тоа ќе го направи и овојпат останува да се види.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e