Хелсиншкиот комитет бара Министерството за здравство да не ги дискриминира возрасните граѓани

Со последните препораки, за превенција на штетни ефекти од студено време и студени бранови, Комисијата при Министерството за здравство врши дискриминација по основ на возраст, тврди Хелсиншкиот комитет.

Во соопштението, Комисијата за превенција на штетни ефекти од студени бранови и студено време, препорача во понеделник и вторник – 9 и 10 јануари 2017 година (со најава препораките да продолжат да важат доколку продолжат ниските температури во државата) да се ослободат од работни обврски бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години. Ваквите препораки Комисијата ги упати до работодавачите ширум држава, со посебен акцент на Осогово-Малешево, регион во кој спаѓаат Берово, Пехчево, Виница и Делчево, како и на Полошкиот регион, во кој спаѓаат Тетово, Гостивар и Кичево, кои се во портокалова фаза поради екстремно ниските температури.

„Препораките и мерките за заштита од студеното време во својата основа треба да ја имаат здравствената состојба, а не возраста на лицата на кои се однесуваат. Дискриминација по основ на возраст се прави на сите лица кои не се на 60 годишна возраст, односно, се помлади од тоа. Хроничната болест е болест кај лицето која е присутна подолго време, може да се појави кај лица од различни возрасти и често е трајна“, се вели во реакцијата на Хелсиншкиот комитет.

Оттаму потсетуваат дека Законот за здравствена заштита (Службен весник на РМ број 43/2012 од 29.03.2012 година) предвидува дека секој има право на здравствена заштита и обврска да се грижи и да го чува и унапредува своето здравје во согласност со овој и друг закон и никој не смее да го загрозува здравјето на другите.

„Во оваа насока би сакале да ја посочиме и заштитата од дискриминација по основ на возраст, утврдена во член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација во кој се наведува дека се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на возраст“, стои во соопштението.

Хелсиншкиот комитет бара од Министерството за здравство, преку Комисијата за превенција на штетни ефекти од студено време и студени бранови, да даде нови препораки кои ќе важат во екстремно ниските температури во државата, а ќе се однесуваат на бремените жени и хронично болните лица без возрасни ограничувања.

ЦИВИЛ Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e