Груевски, поради лагата за 5600 вработувања, нема да се појави на митингот во Кр.Паланка?!

иПортал од високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ дознава дека поради нереализираното предизборно ветување кое на неколку дена пред изборите во 2014 година, на митинг во Крива Паланка го даде тогашниот премиер Никола Груевски, а кое се однесуваше за наводно отворање на нови 5000 работни места во зоната во Ранковце, на закажаниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка за сабота, 03.12.2016, големи се шансите лично Груевски воопшто да не се појави.

Дознаваме дека лицата кои се задолжени за организирање на кампањата на владејачката партија го советувале тимот околу Груевски дека неговото присуство на закажаниот митинг во Крива Паланка би предизвикало спротивен ефект. Затоа е сугерирано во овие денови да се изнајде добра и убедлива причина која би била како алиби за евентуалното отсутво на Груевски а која би била доволна за да граѓаните на Крива Паланка во истата би поверувале.

Инаку, владејачката ВМРО-ДПМНЕ во последните два изборни циклуси пред кривопаланчани им пласираше две крупни ветувања кои воопшто не се остварија.

Најпрвин за време на локалните избори 2013г, тогашниот кандидат а сегашен градоначалник Арсенчо Алексовски, во емисијата “Јади бурек”,  на само неколку дена пред гласање тврдеше и ги убедуваше гледачите дека е најден инвеститор за кланицата во Крива Паланка и дека тој лично бил таму и се уверил дека наводно се приклучувало струја, вода и за само два месеци кланицата ќе почнела да работи и ќе се вработеле од 80 до 100 луѓе.

Втората крупна лага беше наредната година за време на предвремените парламентарни и претседателски избори, каде исто така на само неколку дена пред гласање, на митинг во Крива Паланка, Никола Груевски ги убедуваше присутните дека во зоната во Ранковце, турска компанија преку инвестиција од 400 милиони долари ќе градела огромна фабрика во која ќе се вработеле 5000 луѓе за да потоа при гостувањето во вестите на Сител изјави дека наместо 5000, турците ќе вработеле дури 5600 луѓе. Според Груевски, во таа зона требаше да има работници од Ранковце, Крива Паланка, Кратово, Пробиштип, Штип, Куманово.

Граѓаните и на едната и на другата лага поверуваа и ВМРО-ДПМНЕ во двата изборни циклуси извојува победа во оваа општина.

Но сега, после две односно три години од овие лажни ветувања, тимот на советници заклучиле дека појавувањето на Никола Груевски пред кривопаланчани би било огромен ризик по рејтингот на партијата и затоа е повеќе од веројатно да наместо Груевски, на митингот се обрати некој од неговите заменици и се разбира повторно се излезе со ново бомбастично ветување во кое повторно ќе треба да поверуваат гласачите од оваа општина.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e