Груевизмот нема и не смее да има никаква врска со ВМРО

На Македонија ѝ е потребно ВМРО кое обединува, а не кое разединува! Следбениците и поддржувачите на т.н. „четири свети букви“ апелираат за единство околу историската идеја, пишува Дојче веле.

124 години од основањето на Македонската револуционерна организација, Македонија е слободна и самостојна, но како никогаш досега длабоко поделена. Историски, идејата на ВМРО ја постигна целта, но дозволи попатно и да се загуби во прегратките на политиката која немилосрдно ја присвои и искористи за теснопартиски цели. Она што започна славно во Солун во 1893 година, е под закана да заврши неславно во прегратките на ВМРО-ДПМНЕ. Политичката партија, која идејата на ВМРО низ годините ја присвои и воздигна, во меѓувреме ја искомпромитира до таму, што ја стави под закана да заврши на буништето на историјата, велат партиски членови кои не се согласуваат со актуелното раководство. Дури и со иницијативи да се забрани да се користи од страна на политичките партии. Упатените критикуваат и го вперуваат прстот кон актуелната врхушка на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски како директно одговорни за ваквите состојби:

„Денешното чествување на 124-годишнината на ВМРО ќе беше повеличествено доколку сите како граѓани на Република Македонија го чествувавме во услови во кои некогаш најголемата македонска партија би била ослободена од цврстите прегратки на Никола Груевски, неговата фамилија и криминализираните партиски структури. По 10, односно 11 години од узурпацијата на партијата од овие структури, вистинските и чесни вмровци на овие локални избори го казнија сопственото најголемо зло. Го закопаа длабоко во историјата манипулативниот и партиско-политичкиот полициски инженеринг на раководење со партијата“, предупредува универзитетскиот професор Јове Кекеновски.

ВМРО не поддржува криминал и лажен патриотизам

Изборната катастрофа, според него, е само почеток на она што допрва следи – битка против внатрепартиските квази патриотски и криминализирани структури со цел враќање на партијата на вистинскиот демократски колосек и практикување на демохристијанските вредности:

„Четирите свети букви не дозволуваат протежирање и поддршка на криминал и лажен патриотизам. ВМРО мора да биде партија која обединува, а не која разединува. Незамисливо е една патриотска организација во втората декада на 21. век и нејзиното членство да биде користени како параван за реализација на личните интереси, но и како параван за заштита од кривично гонење. На ВМРО не ѝ требаат лидери и раководства кои злоупотребата на државните и на партиските функции ќе ги претставуваат како производ на светските цивилизациски трендови, а сиромаштијата на нашиот народ како продукт на идејата за колективно жртвување во името на некакви „повисоки” државни интереси. Македонија и сите граѓани на Македонија заслужуваат и мора да имаат чесно како солза ВМРО. И затоа им порачувам на квази патриотите кои ја приватизираа и узурпираа партијата да не се обидуваат повторно да прават приватен партиски Конгрес“, предупредува Кекеновски.

 „Груевизмот нема и не смее да има никаква врска со ВМРО“

Но дали иницијативите, неизбежните реформи во ВМРО-ДПМНЕ се доволни за рехабилитација на ВМРО? Дел од упатените немаат дилеми дека идејата на ВМРО е преголема за да потоне со груевизмот. Но она што очекуваат е одговорност за оние кои од гордост партијата ја претвориле во срам за револуционерната идеја:

„Актуелното раководство на ВМРО ДПМНЕ изминатите 11 години, користејќи ја идеологијата и емоцијата на македонскиот народ кон тие букви, вешто владееше и манипулираше со нив. Она што е неопходно и во иднина мора да се случи е комплетно ребрендирање на ВМРО-ДПМНЕ и јасно дистанцирање од груевизмот којшто ја уништи идеологијата внатре во самата партија. Не може некој од една страна да се нарекува вмровец, нешто што по дефиниција значи слободоумност, револуционерство, визија, а од друга страна да гледаме дека гордата послушност, сервилноста, медиокритетството го промовира како критериуми за напредок. Апсолутно, груевизмот нема и не смее да има никаква врска со ВМРО“, предупредува Самоил Малчески, од Форумот на слободоумни патриоти.

Реформаторите слават во Скопје, груевистите во Штип!

Во светло на поделбите, но и иницијативите за реформа, односно континуитет, се и денешните прослави на празникот кој за првпат од воспоставувањето ќе се одбележи на повеќе локации. Груевистите во Штип, градот на основачите на ВМРО-ДПМНЕ, реформаторите во Скопје, во Младинскиот културен центар, каде во 1990 година е создадено ВМРО-ДПМНЕ:

„Ние се обидовме да направиме настан кој ќе ги обедини сите почитувачи на идејата и делото на ВМРО. Кај нас може да дојдат и Никола и Љубчо и кој било друг. Но Груевски се реши за приватна забава во Штип од причина поради која мислеше дека во Скопје нема да има доволно луѓе и навистина ќе нема. Ако имаше демократски капацитет ќе ја прифатеше нашата покана“, вели за Дојче веле Петар Богојевски од Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.

Идејата на нивната прослава е заедништвото, заедничко празнување на Денот на ВМРО на сите политички субјекти, вклучително и албанските:

„Да испратиме порака дека овој празник не треба да е партиски, туку државен, на кој ќе чествуваат заедно Македонците и Албанците, ВМРО и СДСМ заедно. Исто како Илинден, исто како 11 октомври. Ние не сметаме дека имаме ексклузивитет на ВМРО. Напротив, јас советувам сите да бидеме ВМРО во Македонија. На пример и СДСМ нека се вика ВМРО-СДСМ. Нека биде левицата во ВМРО. А по релаксирањето, кога ќе станеме вистински Македонци и патриоти, може да го ослободиме ВМРО во таа смисла во која се вулгаризира користењето на името“, предлага Богојевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e