Две нови пријави против прилепски активист на Шарената револуција

Нови две прекршочни пријави поднела прилепската полициска станица против најистакнатиот активист на Шарената револуција, Жарко Стеваноски. И во двата нови случаја, тој се товари за наводно сторен прекршок, за којшто на 4-ти јануари доби ослободителна пресуда од Основниот суд. Полицијата овој пат го товари Стеваноски дека го загрозил сообраќајот, бидејќи за време на протестите на улицата што минува пред општинската зграда, го испишал графитот „Че си лежите“. Стеваноски смета дека и овие две нови, покрај веќе поднесените четири прекршочни пријави, немаат законска основа.

„Не ми е јасна смислата на новите поднесени пријави, кои веќе се процесуирани во Основниот суд во Прилеп. Како ќе следат две нови судења за ист прекршок, по член 191 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кога таков прекршок не е направен? Згора на тоа, истиот Основен суд на почеток на годинава како што е впрочем, и според законот, донесе ослободителна пресуда“, вели Стеваноски.

Според него, ова е само потврда за притисоците на локалните власти врз полицијата – во случаи кога нема никаков законски основ да се поднесуваат пријави.

 

„Ова се очекувани чекори и не ме вознемируваат. Но, потврдуваат за начинот на којшто функционираат одредени институции во оваа држава. Заменик-командирот на униформираната полиција, како сведок беше повикан на судењето на коешто добив ослободителна пресуда. Тој реално ја опиша фактичката состојба. И од неговата изјава, произлегува дека не постојат елементите на прекршокот за којшто ме товарат. Улицата беше забранета за сообраќај. Но, тоа не го знааат само полицајците кои одговорно си ја вршеа работата за време на протестите, туку и сите граѓани. И оние кои учествуваа во протестите и многу, многу други, кои беа очевидци на случувањата. Па, целиот центар на градот за време на протестите беше забранет за сообраќај, според тоа, како тој графит можел да го загрози сообраќајот“, додава Стеваноски.

Тој е познат на јавноста и по поднесените кривични пријави против градоначалникот Марјан Ристески и други функционери во Општина Прилеп. Кривичните пријави се отфрлени од Основното јавно обвинителство.

Извор: civilmedia.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e