ЦИВИЛ бара членовите на ДИК да ги стават мандатите на располагање!

„Нема да престанеме да бараме расчистување на сите дилеми околу измамничките практики во изборните процеси, вклучувајќи ги и последните, предвремени парламентарни избори на 11-ти декември 2016 година“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ – Центар за слобода. Според невладината организација, „злоупотребата на институциите продолжи веднаш по денот на изборите, како и притисокот врз граѓанското општество, стигматизацијата и говорот на омраза против оние што размислуваат и дејствуваат поинаку од владејачките структури“

На прес-конференцијата на 13-ти јануари, ЦИВИЛ – Центар за слобода повторно категорично побара спроведување на анализи и истрага за одговорноста на Државната изборна комисија и на други институции, поединци и структури за кршењето на законите и Уставот, особено за кршењето на изборните процедури и за тешките повреди на правото на глас!

Како организација која со години наназад ги набљудува изборите во Македонија, ЦИВИЛ бара одговор на прашањето: Дали молкот од институциите значи согласување со наодите на ЦИВИЛ и на другите релевантни, домашни и странски организации, за уништувањето на правната држава? ЦИВИЛ бара итни реформи на ДИК, но изразува и цврста убеденост дека истрагата ќе доведе до одговорност на поединци и на структури во други институции на државата, како и на структури во политичките партии.

ЦИВИЛ изготви извештаи, анализи и препораки за сериозни проблеми во текот на целиот изборен процес, за кои, и покрај изнесените аргументи, немаше реакција од релевантните институции, а ДИК не успеа да се деполитизира и сериозно да работи на Избирачкиот список и на своите тела, Општинските изборни комисии и избирачките одбори. Според ЦИВИЛ, актуелниот состав на ДИК, не ги искористил законските ингеренции, а голем број гласачи бил оневозможени да го искористат своето право токму поради партизираноста и неспособноста на ДИК и на други инстититуции.

ЦИВИЛ бара членовите на ДИК е да ги стават своите мандати на располагање, а сите одговорни институции „да понесат и законска одговорност за хаваријата со Избирачкиот список, преку што се создадоа можности за злоупотреби и манипулирање со изборниот резултат“.

ЦИВИЛ побара и прегласување на 30 избирачки места поради поткуп на гласачи, сериозно кршење на изборната процедура од ИО, фантомски гласачи, непрекинато кршење на изборниот молк, како и низа други нерегуларности, и повторно пребројување на сите гласачки ливчиња, ревизија на сите неважечки ливчиња, поради сериозни индикации дека изборниот резултат може да биде поинаков, ако двете постапки се спроведат доследно и професионално.

ЦИВИЛ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e