Ако не може да го избегне сударот, самоуправувачкиот автомобил на иднината под логото на Mercedes ќе биде програмиран така што првенствено ќе го заштитува возачот, а не и луѓето на коишто би можел да налета.
Тоа е насоката за којашто било одлучено да се следи токму кај овој германски производител, при развојот на следните генерации автономни возила. Моралните дилеми така нема да го “оптеретуваат” автомобилот којшто во секоја ситуација ќе биде програмиран за пред сè да го сочува животот на личностите коишто ќе се наоѓаат во возилото.
Токму тоа прашање на морален избор е една од најголемите препреки во развојот на паметните автомобили. Да замислиме ситуација во којашто автомобилот е надвор од контрола, поради што, на пример, би можел да удри во група деца на автобуска станица, а може и ако ја промени насоката да удри во велосипедист при што со сигурност и би го убил. Што би требало во тој случај да направи автомобилот?

Одлуката на Mercedes e таква што би се избрала таа насока при којашто најмалку веројатно би било дека некој ќе биде повреден или убиен во внатрешноста на возилото. Овој пример дефинитивно е бесчувствителен, но покажува како размислуваме ние во однос на автомобилите, пренесува Fastcoexist.
– Ако можеш да спасиш само една личност, спаси ја барем таа. Спаси го оној во автомобилот, велат од Mercedes за Car and Driver. Тој додава и дека приоритетот на автомобилот мора да биде “да ја спречи онаа смрт за којашто со сигурност знае дека може да ја спречи”, но потенцира дека инженерите работат на тоа да се спречат таквите ситуации и во пракса речиси и воопшто да не се прави еден ваков нехуман избор.
Од Mercedes велат и дека дури и ако автомобилот одлучи да ги жртвува возачот и патниците, тоа можеби не би и помогнало на групата деца коишто се исто така во опасност.
– Тогаш би ги изгубиле луѓето за коишто со сигурност сме знаеле дека можеме да ги спасиме.

Од Mercedes потврдуваат дека ова е тешка, но важна хипотетичка дилема со којашто авто-индустријата мора да се бори, а со развојот на автономните возила бројот на ваквите дилеми ќе станува сè поголем. Сепак, во оваа ситуација треба предвид да се земе и фактот за милионите животи коишто ќе ги спасат автономните возила поради несреќи за кои би биле виновни невнимателните возачи.
Самоуправувачките автомобили, исто како и ние, ќе се најдат во ситуации во коишто е важна моменталната реакција. Но, автономните возила нема да ги поседуваат нашите маани. Одлуките ќе ги донесуваат брзо, нема да бидат уморни, а нема да им влијаат ниту таа една или две чашки одвишок…
За поврзани вести продолжете надолу