Потенцијалните младоженци во американската држава Арканзас имаат можност со малку труд и многу повеќе среќа да дојдат до веренички прстен по многу поволна цена – сосема бесплатно!
И не само тие, туку секој кој ќе плати влезница за државниот парк “Crater of Diamonds State Park” има шанса да најде парче од скапоцен камен. Ова место е познато по тоа што посетителите можат да дојдат со лопати и канти и да започнат со потрага по дијаманти кои се расфрлани по паркот. Повеќето од нив се враќаат дома со празни раце. Меѓутоа, за некои авантурата завршува поуспешно отколку што би можеле да замислат.
Ден Фредерик и неговата ќерка Лорен го посетиле овој парк за прв пат минатата недела и само еден час по влегувањето во него го откриле својот „среќен дијамант“ – како што го нарекле.
Овој парк во Арканзас е единственото место во светот каде што посетителите можат да бараат дијаманти и да ги задржат ако ги најдат. Наспроти „копачите“ кои редовно го посетуваат овој парк со надеж дека ќе пронајдат нешто вредно, Ден и Лорен барале само на површината и дијамантот едноставно се појавил пред нивните очи.
Дијамантот имал 2.03 карати, а неговата вредност се` уште не е позната. Меѓутоа, дефинитивно е вреден повеќе од 16 долари колку што чинеле двете влезници.