Kога малите деца го изустуваат нивниот прв збор, тоа е настан на којшто секој родител со задоволство ќе се присетува, во текот на целиот живот. Меѓутоа, кога првпат ќе прозбори девојче коешто страда од невербален аутизам, тоа дефинитивно е доволно јака причина, нејзината мајка да се расплаче на цел глас, на паркинг. Токму ова, ѝ се случило на Бријана Бланкеншип од Атенс, Алабама. Докторите ѝ кажале дека нејзината ќерка Телјор, можеби никогаш нема да може да зборува. Но, пред неколку дена, ова 5-годишно девојче им се спротивставило на шансите и го докажало токму спротивното.
„Речиси ја прифатив реалноста дека никогаш нема да го чујам нејзиниот глас“, објаснува Бријана.
Докторите сè уште ѝ правеле разни тестирања на Тејлор, но таа веќе била сместена во спектарот на аутистични нарушувања и дијагностицирана со нарушување на сензорните процеси. Првото, е невролошко и развојно нарушување коешто влијае на тоа како лицето се однесува и комуницира со другите луѓе, како реагира и како учи.
„Со неа комуницираме со ограничен знаковен јазик и гестикулации. Исто така, имаме и ајпед којшто е заклучен, така што Тејлор единствено има пристап до програмата за комуникација, наречена LAMP. Со помош на оваа програма, таа ги завршува задачите за на училиште и поради тоа е одлична во спелување, особено за едно 5-годишно девојче.“
Таа учи во градинка, сочинета од деца со и без попреченост и ќе оди во прво одделение со истиот клас. Редовно прима сензорна терапија, како и окупациона терапија која ѝ помага во развојот на моторни вештини.
Воедно, нејзиниот татко ја запишал и на неделни часови по гимнастика, коишто ѝ помагаат да научи да ги следи дадените инструкции и со помош на оваа дисциплина, таа престанала да оди на прсти – што е честа појава кај децата со аутизам.
Како и да е, Бријана пред неколку дена, ја носела нејзината ќерка на час по гимнастика и тогаш се случило невозможното.
Одевме натаму и веќе доцневме, а морав да појдам до најблискиот ‘драјв-тру’ ресторан за брза храна, за да ѝ купам нешто што ќе сака да го јаде. Ретко јадеме ‘брза храна’, па таа одма сфати дека ќе ја јаде нејзината омилена храна, пржени компирчиња и почна да се возбудува и да се кикоти на задното седиште. Тогаш се случи чудото! Шокирана, ја свртев главата наназад и ја прашав: ‘Дали тукушто ми рече мама?’ Таа само ме погледна и го повтори истото.“