Утре е Ѓурѓовден и Македонската православна црква и верниците утре ја слават славата на великомаченикот Свети Ѓорѓи.
Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец маѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум. Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар. Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто. Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден, па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.
На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи. Ниту за еден друг празник ги нема толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа има цел да осигура напредок и плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и напредок на луѓето. Овој празник има многу сличности со други празници кај разни народи во разни периоди од развојот на човештвото воопшто. Така на пр. има многу сличности со римскиот празник Палилија (21 април) кога Римјаните ги кителе стоката и шталите со зелени гранки, а овчарите на богот Палес му принесувале жртви за тој да ги заштити и луѓето и стоката од разни несреќи и да обезбеди напредок. Празници, според обичаите, слични на Ѓурѓовден можат да се сретнат и кај некои други народи. Така на пр. Литванците во 16 век на 23 април му принесувале жртви на богот на пролетта, растенијата и зеленилото.
Се верува дека на Ѓурѓовден треба да се стане порано и не треба да се спие преку ден. Ако тоа го сторите ризикувате да ве боли глава цела година!
Посебно значаен обичај што е поврзан со Ѓурѓовден е лулањето или нишањето. На зелени, односно сурови дрва (слива, врба, муренка, јаболкница и др.) се обесуваат ортоми и на нив преку целиот ден се нишаат децата, но и повозрасните девојки и момчиња, дури и помладите невести.
На легендата за Свети Ѓорѓи и претходи приказната за неговиот живот. Тој е роден во Кападокија, во богато и угледно христијанско семејство. Кога неговиот татко загинал, со мајка му се преселил во Палестина каде што стекнал одлично знаење.