Православните верници во Македонија денес, 7. април, го слават празникот Благовештение на пресвета Богородица – Благовец, ден посветен на новозаветниот настан кога архангел Гаврил ѝ се јави на Богородица и објави дека преку Светиот Дух ќе добие дете, односно Исус Христос.
Благовештението се смета за еден од најрадосните христијански празници, а многумина го поврзуваат со добра вест.
За овој празник се поврзуваат различни обичаи, но најважно е да пронајдете внатрешен мир, да се радувате и да бидете во хармонија со себе – со светлата страна на вашето битие.
Благовец во основа значи да се радуваме на прекрасни вести и на овој ден треба да научиме да се радуваме на сè што ни носи животот. Кога срцето е отворено, а душата чиста, можеме да се радуваме на Сонцето, на новиот ден, на насмевката на минувачите, на среќата на друга личност… Кога радоста е присутна во животот, тогаш навистина живееме.
Овој ден нè потсетува и на тоа зошто е важно да бидеме благи луѓе – оние кои сакаат со срцето и им се враќа со срце. Денес е голем ден за сите оние луѓе кои и по неволји, препреки, порази, несреќи, не ја изгубиле вербата и способноста да се радуваат, туку секогаш успевале да ја вратат смиреноста. Тоа се постигнува со постојана работа на себе.Благовец особено го слават жените, бидејќи ова е празник на Богородица. На овој ден, жените се молат за потомството, децата и семејството. Се верувало дека овоштарите треба да садат плодови на Благовештение, а лозарите да ја закројат лозата. Благовец се празнува точно 9 месеци пред Божиќ.