Градот Самобор стана првиот во Хрватска што ја воведе мерката „Баба-дедо сервис“, со која бабите и дедовците добиваат месечен надоместок од 360 евра за чување на внуче на возраст од една до четири години. Овој износ е ист со субвенцијата што градот ја обезбедува за приватни градинки и дадилки.
Мерката е инспирирана од искуствата во Шведска, но е прилагодена на локалните потреби. Таа носи повеќе придобивки – пензионерите добиваат дополнителен приход, родителите полесно ја организираат грижата за децата, а семејните врски се дополнително зајакнуваат.
„Нашата цел е да им помогнеме на родителите полесно да ги усогласат семејните и работните обврски, да обезбедиме финансиска поддршка за пензионерите и да ја зајакнеме меѓугенерациската солидарност,“ изјави градоначалничката Петра Шкорбот.
Програмата се спроведува од април годинава, а досега ја користат 37 баби и дедовци.
Надоместокот можат да го остварат родителите или старателите на деца од 1 до 4 години кои не посетуваат градинка и не користат услуга од дадилка. Условите вклучуваат хрватско државјанство, живеалиште во Самобор и вработеност или статус на редовни студенти на двајцата родители.
За бабите и дедовците, пак, потребно е да имаат пензионерски статус, да живеат во Самобор и да бидат здравствено способни за грижа околу внуците.