Отворен гробот на Исус по 500 години

Научниците за прв пат во последните неколку векови ја отвориле плочата за која многумина веруваат дека на неа три дена лежело телото на Исус Христос.

Оригиналната површина била отворена за време на работата на реставрацијата во Црквата на светиот гроб во Стар Ерусалим, пишува National Geographic. Плочата не била откриена најмалку од 1555. година, пишува Daily mail.

“Мермерната плоча која го покриваше гробот е откриена и бевме изненадени од количината на материјалот кој го пронајдовме под неа. Научната анализа ќе трае долго, но конечно ќе можеме да ја видиме оригиналната камена површина на која, според традицијата, било положено телото на Исус”, вели Фредрик Хиберт, археолог.

Со истражувањето раководи Антонио Марополо од Националниот технички универзитет во Атина.

Според преданието, телото на Исус било положено на плочата исечена од варовничката пештера откако Римјаните го распнале пред повеќе од 2.000 години.

Тој, според записите, воскреснал три дена по смртта.

Плочата на која бил положен е дел од градбата која се вика едикула. Тоа е капела од остатоците на пештера во која било положено телото на Исус по распнувањето, на неколку стотини метри од наводното место на распнување. Тоа е најсвето место за христијаните.

Сепак, ни таа светост не спречила судири помеѓу свештенството.

За одржување на различни делови задолжени се Римокатоличката, Грчкоправославната и Ерменската црква, и секоја од нив љубоморно ги чува своите резерви. Овој пат се усогласиле, оставајќи ги разликите на страна, сфаќајќи ја неопходноста за поправка на градбата која последен пат била реконструирана на почетокот на 19. век, по пожарот кој ја уништил. Градбата потоа била оштетена и во земјотрес во 1927. година.

Реконструкцијата била одложувана поради недостиг на пари, а меѓу донаторите на неопходните 4 милиони евра è и јорданскиот крал Абдула Втори.

Се очекува реконструкцијата да заврши до 2017. година.

Една од најстарите цркви во 325. година ја изградил римскиот цар Константин. Во 1009. ја уништил муслиманскиот калиф Ал Хаким, а крстоносците во 12. век ѝ го дале сегашниот изглед.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e