Најновиот глобален мировен индекс прикажува мрачна слика, намалена е мирољубивоста и во Европа. Македонија се наоѓа на 87. место, што е подобрување во однос на претходно.
Светот лани не станал помирен, барем ако се земат предвид податоците од новиот Глобален мировен индекс, ГМИ, кој дванаесетти пат го објавува Институтот за економија и мир со седиште во Сиднеј. Според него, во 2017. година мирољубивоста бележи пад во 92 земји, додека подобрување има во 71 држава, како што истакнува Стив Килелеа во разговор за Дојче веле. Значи, негативниот тренд продолжува четврта година по ред.
Во целина, вели основачот и прв човек на Институтот за економија и мир, во изминатите 10 години мирољубивоста во светот опаѓа. За тоа придонесуваат првенствено конфликтите на Блискиот Исток. Овој регион и Северна Африка, според ГМИ, се најпроблематичните региони воопшто. На последното место од 163 држави се наоѓа Сирија, а таа на дното на скалата е во друштво со Авганистан, Јужен Судан, Ирак и Сомалија.
Влошување во индексот за Западна Европа
Од вкупно девет светски региони за кои се вршени испитувања во Институтот за економија и мир, Европа е најмирољубив. Од првопласираните најмирољубиви земји во светот освен Нов Зеланд, останатите се наоѓаат во Европа: Исланд, Австрија, Португалија и Данска. Германија и натаму останува на 17. позиција. Килелеа меѓутоа истакнува: „23 од 36 држави кои припаѓаат на Европа минатата година бележат влошување“. Станува зор за земји во Западна Европа, а во целина во Источна Европа има позитивен развој.
Македонија бележи подобрување
Македонија, според најновиот Глобален индекс на мирот, се наоѓа на 87 место, што е подобрување во однос на претходно за 16 позиции. Зад неа од балканските држави се Босна и Херцеговина на 89. место и Косово на 92. со пад од 15 позиции. Хрватска е на 27. позиција, Албанија на 52. со подобрување од седум позиции, Србија е на 54. а Црна Гора на 58. место.
Индексот на глобален мир се пресметува со помош на 23 индикатори во три области: безбедност во општеството, трајни конфликти и милитаризација. Во областа „безбедност и општество“ предвид се земаат на пример стапката на убиства, бројот на затвореници и бројот на полицајци, како и чувството на проширеност на криминалот. Областа „милитаризација“ го опфаќа бројот на војници, издатоците за вооружување во однос на економскиот учинок и евентуален извоз на оружје.
Целиот текст прочитајте го на ДојчеВеле.