Отсекогаш ми беше сон да направам нешто што би допрело до многу луѓе. Секој почеток има многу предизвици и тешки моменти. Вербата, поддршката и љубовта од моите најблиски ми помогна да верувам во себе со мали чекори да достигнам голема цел.
Ивана Трајановска е родена и израсната во Крива Паланка. Од 2011-та се наоѓа со адреса во САД, во Сан Франциско. Во изминатите 5 години работи како продукт дизајнер и развивач на бизнис во компанија за технологии во Силиконска Долина.
Трајановска е голем ентузијаст со мотивација за креирање нешто ново. Токму таа е дизајнерот на ќебето кое помага за намалување на стресот и инсомнијата, како и за релаксација на целото тело.
Промоцијата на ќебето која траеше само 25 дена направи предпродажба од 129,624 долари. Алфа ќебето се најде на американскиот пазар во април годинава и оствари голем успех.
За прекрасното Сан Франциско, за Алфа ќебето како и за носталгијата по родната Македонија, прочитајте во продолжение во интервјуто со Ивана Трајановска, за Женски Магазин.
* Дали беше тешко да направите толку голем чекор (како млада девојка) и да заминете во Америка?
– Отсекогаш ми беше сон да направам нешто што би допрело до многу луѓе. Секој почеток има многу предизвици и тешки моменти. Вербата, поддршката и љубовта од моите најблиски ми помогна да верувам во себе со мали чекори да достигнам голема цел.
* Како избравте да студирате Индустриски дизајн во Сан Франциско?
– Отсекогаш сакав уметност и дизајн. Уште од мали нозе, длабоко во себе чувствував дека тоа ќе биде мојата кариера. Се преселив со Сан Франциско во 2011-тата на студии. Уште од првиот ден се пронајдов тука, знаев дека тоа е моето место на земјата. Во Сан Франциско уметноста е во воздухот. Тоа ме поттикна да аплицирам на ,,Academy of Art University”, индустриски дизајн со специјализација во дизајнирање на продукти. Индустриски дизајн покрива дизајнирање продукти за секојдневна употреба, технологија, мебел, исто така дизајнирање автомобили и воздушен транспорт.
* Што за Вас претставува архитектурата, а што дизајнот?
– Архитектурата и дизајнот се поврзани на многу полиња. Започнуваат со идеја која бара посветеност, упорност и прецизност. Гледајќи од уметнички аспект многу дизајнери преку своите иновативни продукти, модернистички погледи и креативност потикнале промени во начинот на градба на многу места во светот.
* Како дојдовте до идеја за дизајн на такво ќебе кое е нешто сосема ново за пазарот?
– Сакав да направам производ кој со својот дизајн ќе може да помогне на глобaлна скала, без разлика на раса, години и пол. Правејќи истражувања, најдов материјали во кој што оваа техника е опишана како природна терапија во медицината која што била користена со децении. Кога тежината е поставена врз телото ги стимулира мускулите и делува како еден вид на масажа. Со Алфа, мојата цел е да ја оптимизирам поврзаноста на ќебето во форма на човечка фигура, со што ќе може да биде до 700% повеќе ефикасно во споредба со секој друг продукт од овој тип. После многу примероци, различни дизајни и тестирања, Алфа стана комплетен продукт.
* Како помина продажбата на ќебето во април, колку сте задоволна?
– Продажбата помина одлично, продолжуваме да го прошируваме брендот на американскиот пазар, а воедно се прошируваме низ Европа и Азија. Секојдневно добиваме позитивни пораки од потрошувачите кои после многу години поминати во борба со инсомнија, Алфа им помогна да имаат мирен и здрав сон.
* Дали би сакале Вашите производи да се најдат и на македоскиот пазар?
– Секако, мојата цел е производите да бидат во секоја земја, вклучувајќи го и македонскиот пазар.
* Што ја прави една жена успешна?
– Амбиција, самодоверба и љубов.
* Каков е патот до успехот, дали мислите дека жените се поуспешни од мажите?
– Уникатна комбинација од вештини, начин на размислување и способности кои треба да се вклопат за да се остварат големи соништа. Според мене успехот не е детерминиран на база на пол или раса. Верувам дека сите ние имаме исти можности за кариера и успех, се зависи од тоа колку сакаме да вложиме во себе.
Извор: Женски магазин