„Сето тоа се случи во Југославија. Од таму започна сè. Јас тогаш не бев претседател. Дали ја го свртив авионот над Атлантикот? Примаков го стори тоа. Јелцин им беше добар, но кога зазеде цврст став за Југославија, тогаш сите започнаа да зборуваат дека тој сака да ужива со алкохолот. Така започна неговата дискредитација“, изјави Путин.
Јевгениј Примаков, некогашен шеф на руската дипломатија во 1999-та година беше премиер на Русија. Неговиот конфликт со тогашниот руски претседател Борис Јелцин ескалираше со обвинувањата на Борис Березовски, клучниот олигарх близок до Кремљ. Примаков го обвинуваше за корупција и поддржуваше истрага против Јелцин и неговото семејство.
Последниот руски сојузник во Европа
Внатрешната политичка ситуација во Русија дополнително се искомплицира кога започна југословенската криза. НАТО Алијансата се подготвуваше за воен напад на една од последните земји сојузници на Русија – Југославија на Слободан Милошевиќ.

Додека авионот летал кон САД, Примаков телефонски разговарал со американскиот потпретседател Ал Гор и побарал НАТО да не го започне бомбардирањето додека тој не се сретне со претседателот Бил Клинтон. Сепак, такви гаранции очигледно не можел да добие.
„После расправата за влошувањето на ситуацијата на Косово, премиерот Примаков одлучи да се врати во Москва“, изјавил Гор после телефонскиот разговор.
Токму поради ваквите настани, односно враќањето на рускиот авион во Москва и стартот на бомбардирањето на Југославија, Путин смета дека тоа било пресврт во руските односи со Западот. Косовската криза може да се каже дека има влијание во доаѓањето на Путин на власт во Русија.
Јакнењето на антизападното расположение во Русија е во подем, комунистите во Русија во тоа време заедно со националистите протестираат пред американската амбасада во Москва. Путин во август 1999-та година беше именуван за еден од тројцата заменици премиери, а потоа истиот ден и за премиер на Русија.

Во пресрет на новиот милениум, Русија доби нов претседател. На 31-ви декември Јелцин најави повлекување, а на негово место дојде премиерот Путин. Првиот претседателски декрет кој Путин го потпиша беа гаранциите за Јелцин и неговото семејство дека нема да бидат процесуирани. Многумина сметаа дека Јелцин не си заминал своеволно, односно имунитетот го добил затоа што се повлекол од власт.
Со подемот на Путин започна новата ера во руската политика, а од тогаш Путин е централна и најмоќна политичка фигура во Руската Федерација. Тој зазеде многу поцврста политика кон Западот во однос на своите претходници.
Интервенцијата на НАТО започна на 24-ти март 1999-та година и траеше 78 дена. Воздушните напади на Југославија ги изведуваа авиони од 18 земји на НАТО и тоа во над 150 летови дневно. Водечка улога секако имаше САД, а вреди да се спомене дека Обединетите нации не ја поддржаа воената интервенција.
Западот не бил обединет исто така за нападот на нашите северни соседи. Главниот оперативец на акцијата на НАТО, Весли Кларк подоцна откри дека француски воен официр од седиштето на НАТО, на Србите им откривал детали за воената операција на Алијансата. Властите од Белград благодарение на официрот знаеле кои ќе бидат метите во првата фаза од нападот на НАТО.
Русија тогаш беше значаен економски партнер на Западот, но после нападот на Југославија стана политички непријател. Русија и Западот повторно се најдоа на спротиставени страни после Студената војна.

Првиот голем судир на Русија и САД
За време на косовската војна, клучните одлуки во Русија ги спроведувале војската и тајните служби. Тогаш започна подемот на Путин, и како што рече рускиот претседател овој викенд, започна влошувањето на односите помеѓу Русија и Западот.
Во првите години од својот мандат, Путин беше близок до САД затоа што Русија не можеше воено и политички да се носи со Американците. Но, кога земјата се консолидираше, во втората фаза тој започна со неговата главна цел – враќање на Русија на светската политичка и воена сцена.
На Косово се случи тогаш најголемиот конфликт помеѓу САД и Русија. Колку ситуацијата била сериозна покажува и ситуацијата од приштинскиот аеродром.
После потпишаниот мировен договор, посебната оформена единица на НАТО на Косово – КФОР доби овластување за непречено делување на Косово. Руските сили исто така добиле дозвола за слични делувања. Но, Русија на еден ден пред КФОР да пристигне на Косово, ги префрлила своите сили во Пришина, односно бил заземен приштинскиот аеродром.
Русите тогаш на Французите и Британците им забраниле пристап на аеродромот. Многу актери од тоа време претпоставуваат дека дошло до договор помеѓу руската и југословенската војска, без знаење на Јелцин и руската влада за Русите да ја превземат контролата над северот на Косово и таму да воспостават свој сектор.

Ова му го рекол командантот на КФОР на американскиот генерал Весли Кларк кога добил наредба да испрати свои сили и да го заземе приштинскиот аеродром. Тоа било најопасната ситуација во која што во директна конфронтација се нашле САД и Западот. За среќа, огнена престрелка била избегната.
После тоа, косовската криза значајно го промени системот на меѓународните односи. Тоа беше првата меѓународна интервенција која што беше изведена без одобрение на Обединетите нации. Со тоа, аналитичарите веруваат дека започна и улогата на Американците како „дежурен полицаец“ ширум светот.
Но, тогаш започна подемот на Путин и со тоа новата ера на руската и светската политика. Можеби тогаш не беше така, но денес Русија јасно се спротиставува на американските планови (на пример Украина и Сирија) и тоа благодарение исклучиво на Путин.
За поврзани вести продолжете надолу