Бил Гејтс тврди дека ова е најдобриот трик за учење

Бил Гејтс, еден од најбогатите луѓе на светот и создавач на софтверскиот гигант „Microsoft“, тврди дека постои само еден начин да дознаете дали навистина разбирате некоја материја – дали може тоа да му го објасните на детето?

Тој неодамна признал дека е страсен вљубеник во математиката, но дека имал сомнежи во своето знаење кога се обидел математичките концепти да им ги објасни на своите деца додека оделе во училиште.

„Да учите со децата и да гледате што ги збунува, а што им е лесно, тоа е вид на ултимативен тест дали знаете некоја тема – дали можете да ја објасните“, изјавил Гејтс.

Побрзо паметиме кога истото тоа знаење го пренесуваме на другите
Постои причина зошто наставниците често бараат од учениците да направат презентација за некоја тема за да покажат дали разбираат – луѓето попрво ќе разберат и научат научни концепти откако ќе ги објаснат пред другите или себеси, докажуваат психолошките студии.

Тоа значи дека можете да го тестирате своето знаење за материјата со едноставен обид да им го објасните тоа на пријателите за да увидите колку информации сте задржале и колку добро ја разбирате темата. Доколку успешно го усвојуваат знаењето од вас, тоа е добар знак дека сте на вистинскиот пат.

Гејтс забележал дека иако брилирал во математиката како средношколец, имал проблеми знаењето и ентузијазмот да ги пренесе на своите деца.

„Сакам да се занимавам со математика, но мојата помлада ќерка секогаш ми зборуваше: Толку многу го комплицираш тоа. Не мораше да ми објаснуваш за да ги добијам одговорите. Можеше да завршиш и пред 10 минути. Зошто помина низ цел тој процес на објаснување без причина? И слично. Таа само сакаше одговор“, раскажал Гејтс.

Денес децата на Гејтс се во нивните 20-ти години. Иако можеби не уживале во неговите часови по математика, тој и натаму верува дека неговите наставнички сесии се одлично искуство затоа што така ја зголемиле страста кон математиката.

„Една од моите омилени работи беше математичката анализа, односно вишата математика. Тоа се неколку тешки концепти. Мора да им објасните зошто тоа е толку важно и зошто ги имаат тие смешни симболи. Тоа е лудо. Тоа е веројатно работата во која најмногу уживам“, заклучил милијардерот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e