Захарова: Русија и САД се на работ на директен конфликт

Опасната и кусогледа политика на Вашингтон ги доведе САД и Русија на работ на директен конфликт, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, изјави дека Русија е виновна за влошувањето на американско-руските односи. Захарова одговараше на она што го кажа Прајс, пишува руската прорежимска новинска агенција ТАСС.

„Само напорите на САД да ја задржат американската хегемонија и игнорирањето на новата геополитичка реалност, како и арогантната неподготвеност да се вклучат во сериозен дијалог за безбедносните гаранции, доведоа до предвидлив резултат. По фијаското во Авганистан, САД беа вовлечени во нов конфликт. САД не само финансиски и со оружје го поддржуваат неонацистичкиот режим во Киев туку и го зголемуваат своето воено присуство на теренот. Ова е опасна и кусогледа политика што ги доведе САД и Русија на работ на директен конфликт. Москва ја повикува администрацијата на Бајден трезвено да ја процени ситуацијата. Се надеваме дека ќе нè слушнат во Вашингтон, но засега нема причина за оптимизам“, рече Захарова.

Според Захарова, Русија е „заинтересирана за деескалација на тензиите и договорите“.

„Не се откажуваме од комуникацијата со САД на разни нивоа, но за барем минимален напредок неопходен е и чекор од САД. За ова се потребни политичка волја, отвореност и подготвеност да се преговара чесно, без прст во џебот. А тоа е она што во моментот целосно му недостига на Вашингтон“, рече Захарова, пренесува ТАСС.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e