Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека дури и да се смири моментната ситуација во Република Косово, нешто ново ќе се случи за 15 или 30 дена бидејќи целта на Приштина е да ја избрка Србија од Косово за сите времиња, како и „непослушниот српски народ“. Тој по средбата со српскиот патријарх Порфириј рече дека затоа се случува криминализација на Србите.
„Со оглед на геополитичката ситуација, како и фактот дека сакаат да нè скршат, и да нè скршат поради ситуацијата со Русија и Украина, не сомневајте се дека тоа ќе продолжи. Не сум сигурен дека ќе успееме да го надминеме бидејќи ние разговараме со некој што не сака да слуша никаков аргумент“, рече Вучиќ и ѝ порача на Приштина да не апси луѓе само затоа што не ги сакаат.
Вучиќ денеска изјави дека вчерашната забрана за влез на Косово и Метохија на патријархот на СПЦ најдобро зборува за организаторите нагласувајќи дека тоа е само делумно режимот во Приштина, а делумно и меѓународната заедница.
Вучиќ, по средбата со патријархот, рече дека за време на синоќешниот разговор, но и на денешниот разговор, го информирал патријархот за целокупната ситуација од разни агли – политички, но и безбедносни.
„Вчерашната забрана за влез на Косово и Метохија од страна на приштинските власти на патријархот на Српската црква и негово спречување да оди во нашето светилиште ми се чини дека најдобро зборува за оние што ја организираа, а тоа е само делумно режимот во Приштина, бидејќи доволно беше само да ги видиме најавите на оние што цел ден нè уверуваа дека жестоко ќе реагираат“, рече Вучиќ.
Вучиќ посочи дека на политичките претставници на Албанците во Приштина и на дел од меѓународната заедница им е потребно протерување на Србите од Косово бидејќи само така гледаат решение на проблемот.