Во Франција на социјалните мрежи се продаваат лажни пропусници за Ковид-19

Антиваксерите во Франција купуваат лажни пропусници за Ковид-19 преку интернет за да избегнат епидемиолошки мерки во земјата, кои често се промовираат на големите социјални мрежи, според истражувањето на Институтот за стратешки дијалог (ИСД).

Според студијата на ИСД, многумина што купуваат фалсификувани пропусници за Ковид-19, кои може да се користат во Европската Унија (ЕУ), се пренасочуваат од социјалните мрежи „Инстаграм“ и „Фејсбук“ до шифриран месинџер на „Телеграм“, каде што може дискретно да се купат.

Во извештајот се наведува и дека алгоритмите на социјалните медиуми автоматски ги насочуваат луѓето разочарани од начинот на кој француската влада се бори против пандемијата на коронавирусот кон екстремно десничарските онлајн-простори.

Координаторката на студијата на ИСД, Зое Фурел, рече дека додека некои групи на „Фејсбук“, посветени на продажба на лажни пропусници за Ковид-19, имаат околу 1.000 членави, а има профили на „Инстаграм“ со дури 17.000 следбеници, пренесува „Гардијан“.

„Мислам дека, во однос на мрежите, главното прашање е колку овие лажни пропусници се достапни на ‘Фејсбук’ и na ‘Инстаграм’“, истакна Фурел и додаде дека тоа е очигледно бидејќи овие мрежи имаат толку голема публика, што овозможуваат достапност на таа содржина во поголем обем.

„За ‘Инстаграм’, една од најалармантните работи што ги забележавме е дека неговиот алгоритам, всушност, препорачува сметки што нудат лажни здравствени услуги, па ако сте личност што следи повеќе сметки со дезинформации за Ковид-19, вашиот алгоритам ќе препорача повеќе сметки што нудат лажни пропусници.

Франција воведе пропусници за Ковид-19 за време на пандемијата на коронавирусот, кои им помагаат на луѓето да го докажат својот негативен тест на коронавирусот, како и дали се вакцинирани.

Сепак, француската влада минатиот месец одобри пропусница што дозволува само вакцинирани лица да влегуваат во ресторани, спортски арени и на други јавни места.

Затоа за антиваксерите е пожелно да се добијат лажни пропусници, кои може да се користат во земјите-членки на ЕУ, се вели во извештајот на ИСД.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e