Вчера околу 14:25 часот се случи верижен судир во Унгарија на 26. километар од автопатската делница М1, во правец што води од Будимпешта.
Се судриле 32 патнички автомобили, пет комбиња и пет камиони. Се запалиле 19 автомобили, комбе и камион, а во несреќата загинало најмалку едно лице.
Несреќата ја снимила камера од еден од камионите кои учествувале во неа, пренесува Index.hu. Според податоците на Управата за катастрофи, во спасувањето и гаснењето на пожарот учествувале вкупно седумдесетина пожарникари од седум градови. Веднаш биле подигнати четири спасувачки хеликоптери.
Во една од најтешките сообраќајни несреќи во историјата на Унгарија, едно лице загина, а 39 се тешко повредени. Две лица се во животна опасност, додека 12 лица (четири деца и осум возрасни) се здобиле со тешки телесни повреди. На објавеното видео од несреќата може да се види како камион Scania вози со брзина од 90 km/h и удира во низата автомобили пред него.
Неколку коментатори забележале дека возачот не ја намалил брзината во моментот пред ударот, а се претпоставува дека не ја забележал колоната пред себе поради големиот облак од прашина. Под остатоците на изгорениот автомобил пронајдено е тело на починат 44-годишен маж.
Полициската управа во Будимпешта (БРФК) соопшти дека ги истражува сите околности на настанот. Сообраќајот на тој дел од автопатот и денеска се одвива отежнато поради расчистување на остатоците од вчерашната несреќа.