(ВИДЕО) Гори најголемата нуклеарна централа во Украина

Нуклеарната централа Запорожје во Украина е во пламен, изјави Дмитро Орлов, градоначалник на блискиот град Енергодар, пренесува Си-Ен-Ен.

„Закана за светската безбедност!!! Како резултат на немилосрдното гранатирање од страна на непријателот на зградите и блоковите на најголемата нуклеарна централа во Европа, нуклеарната централа Запорожје гори!!!” објави Орлов на Фејсбук.

Со сличен апел на Твитер се огласи и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, кој бара прекин на огнот за да можат пожарникари да интервенираат.

„Руската армија од сите страни пука врз нуклеарната централа Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа. Веќе избувна пожар. Ако експлодира, ќе биде 10 пати поголема експлозија од Чернобил! Русите мора ВЕДНАШ да го прекинат огнот, да дозволат пожарникари да воспостават безбедносна зона!”, напиша тој на Твитер.

Портпаролот на нуклеарната електрана Андриј Туз, за украинската телевизија изјави дека гранати паднале директно врз електраната во Запорожје и запалиле еден од шесте реактори на централата. Тој реактор се реновира и не е во функција, но внатре има нуклеарно гориво, вели тој.

Пожарникарите не можат да се приближат до огнот затоа што се пука во нив, рече Туз.

Владин претставник изјави за Асошиетед прес дека во близина на локацијата на централата евидентирано е зголемено ниво на радијација. Тој зборувал под услов да остане неименуван бидејќи информацијата се уште не е објавена во јавноста, пренесуваат западни медиуми.

Туз рече дека итно е потребно да се прекинат борбите за да биде угасен пожарот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e