Според сѐ уште непотврдени информации, во Украина е убиен уште еден руски полковник. Доколку се потврди, тоа ќе биде деветтиот руски полковник убиен во војната што почна пред 46 дена.
Полковник Александар Беспалов беше командант на 59. тенковски полк на руската армија. Не е јасно каде и како е убиен, наведува Би-би-си.
Веста за неговата смрт беше објавена на онлајн-огласна табла во рускиот град Озерск, каде што се чини дека е погребан во петокот. Пораката оттогаш е избришана. Информации за смртта на Беспалов објави и украинската армија.
Украинскиот новинар Виктор Коваленко наведува дека Беспалов командувал со елитен тенковски полк.
Во објавата, која ѝ се припишува на сестрата на Беспалов, се вели дека „невозможно е да се опише со зборови болката од губењето на саканата личност“.
Информациите за смртта на Беспалов сѐ уште не се независно потврдени.