Полицијата во Краљево, во соработка со Безбедносно-информативна агенција, ги уапси Д.Р. (51) и М.Р. (43), двајцата од Краљево, под сомнение дека во соизвршителство сториле кривично дело подготовка на дело против уставниот поредок и безбедноста на Србија, во врска со кривичното дело напад врз уставниот поредок, објави N1.
Според информациите, станува збор за двајца ветерани од 63-та падобранска бригада, кои во изминатата година ги придружувале студентите за време на протестите и блокадите.
Од Министерство за внатрешни работи на Србија соопштија дека осомничените во периодот од декември 2025 до февруари 2026 година планирале организирање насилна промена на уставниот поредок и соборување на највисоките државни власти, како и набавка на оружје и напад врз претседателот на Србија Александар Вучиќ, неговата сопруга и децата. Според наводите, бил планиран и напад врз припадници на МВР со цел нанесување телесни повреди.
Осомничените се задржани до 48 часа и ќе бидат приведени во Вишото јавно обвинителство во Краљево со кривична пријава.
