Хрватската планинска спасувачка служба во саботата ѝ помогнала на една туристка да се породи во објектот Лугарница во Националниот парк Пакленица. Девојката не ни знаела дека е бремена, пишуваат хрватските медиуми.
-Кога стигнавме, породувањето беше во последната фаза. Се породила сама во тоалетот во Лугарница. Пристигнавме со сета медицинска опрема и започнавме со нашите активности. Имавме среќа да имаме дополнителна помош во близина, од ГСС. Дојде гинеколог и ни ја олесна помошта – изјавила анестезиологот Адела Ушановиќ, која учествувала во интервенцијата за „RTL“.
Гинекологот Дора Перинчиќ изјавила дека иако има учествувано во породувања на жени кои не знаеле дека се бремени и досега, сепак никогаш тоа не било во такви услови.
По породувањето, мајката била во емотивен шок. И таа и нејзиниот партнер биле изненадени.
Во саботата во 14 часот и 51 минути, дежурните спасувачи добиле повик за помош при породување во објектот Лугарница во Националниот парк Пакленица. Пред пристигнувањето на тимот на ХГСС, млада странска државјанка родила девојче со помош на персоналот на Националниот парк.
Мајката и новороденчето безбедно се спуштени од кањонот и се предадени на екипа на Брза Помош. Комуникацијата за време на акцијата била дополнително отежната поради немањето мобилен сигнал.