Трамп денеска слета во Јапонија, првата станица на неговата 12-дневна азиска турнеја, при што сака да ја зголеми поддршката за својата тврдокорна политика кон Пјонгјанг. Додека сè уште беше во претседателскиот авион, Трамп навести дека Северна Кореја би можела во блиска иднина да биде ставена на списокот на држави-спонзори на тероризмот.
„Наскоро ќе ја донесеме оваа одлука“, рече тој. Во моментов, постојат само три земји – Иран, Судан и Сирија – според американскиот закон означени како држави-спонзори на тероризмот затоа што „постојано ги поддржуваат актите на меѓународен тероризам“. Вклучувањето на листата, последен пат ажурирана во 1993 година, значи дополнителни санкции против целната земја.
Северна Кореја можеби е „голем проблем за нашата земја и за светот“, но нејзините граѓани, според Трамп, се „супер луѓе“.
„Тие се срдечни, многу посрдечни отколку што светот навистина знае или разбира. Тие се супер луѓе. И јас се надевам дека сето ова ќе функционира за сите“, рече Трамп.
Трамповиот говор по неговото слетување во воздухопловната база „Јокота“, сепак, беше многу повоинствен. Носејќи кожена пилотска јакна, тој им се обрати на јапонските и американските војници со нескриена закана кон сите што се осмелуваат да се сомневаат во доминацијата на Америка. „Ниеден диктатор, ниеден режим, ниту една нација никогаш не треба да ја потцени американската решителност“, рече тој.
„Во минатото одвреме-навреме тие нè потценуваа. Не им беше пријатно, нели? Никогаш нема да попуштиме, никогаш нема да се поколебаме и никогаш нема да бидеме нерешителни во одбраната на нашиот народ, нашата слобода и нашето големо американско знаме“, рече тој, без да напомене некоја конкретна земја. „Ние доминираме на небото, доминираме во морето, доминираме на копното и во вселената“.
На своето патување во Азија, најдолгото на некој американски претседател во повеќе од две децении, Трамп ќе ги посети и Виетнам, Кина, Филипините и Јужна Кореја. Во Виетнам тој треба да присуствува на Самитот за Азиско-Пацифичка економска соработка (АПЕК) и да се состане со рускиот претседател Владимир Путин.
„Мислам дека се очекува дека ќе се сретнеме“, рече Трамп. „Сакаме помош од Путин за Северна Кореја“.