Најмалку пет лица го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што се случи на штаерскиот автопат во Словенија, во близина на излезот Словенска Коњица, во насока кон Љубљана.
Според првичните информации од словенечката полиција, несреќата се случила кога возач на комбе со странски регистарски таблички удрил во камион кој стоел во колона поради претходно забавен сообраќај. Ударот бил силен, а возилото целосно уништено.
Првично беше соопштено дека четири лица загинале на самото место, а уште две биле префрлени во болница со тешки повреди. За жал, едно од повредените лица подоцна им подлегнало на повредите, со што бројот на жртви се искачи на пет. Ниеден од загинатите не е државјанин на Словенија, потврди полицијата.
На терен интервенираа повеќе екипи на брза помош, пожарникари, како и воен хеликоптер кој слета во близина на местото на несреќата за што побрз транспорт на повредените. Полицијата го обезбедува местото и врши увид за да ги утврди причините за трагедијата.
Сообраќајот на делницата каде се случи несреќата е целосно блокиран, а властите ги повикуваат возачите да користат алтернативни правци и да ја следат состојбата преку официјалните канали.