Снежната бура „Тилемахос“ што ја зафати Грција донесе затворени училишта, градинки, судови и дел од автопатот Атина – Ламија во двата правци, како и проблеми на улиците во грчкиот главен град и во јавниот превоз, јави дописничката на МИА од Атина.
Освен во голем дел од Грција, особено на северот, во текот на ноќта, снег падна и во Атина. Иако мала, снежната покривка донесе низа проблеми во грчкиот главен град.
Во 46 од 66 општини во периферијата Атика, училиштата денеска се затворени. Градоначалниците, одлуката ја донесоа во текот на вчерашниот ден, по најавите дека и во Атина се очекуваат врнежи од снег. Во општина Атина затворени се сите училишта и градинките, а слична е ситуацијата и во други делови на Грција.
По договор и со согласност на дирекциите на судските служби и на атинската адвокатска комора, Министерството за правда на Грција, донесе одлука поради лошото време денеска судовите да бидат затворени.