Цените на нафтата скокнаа на највисоко ниво во последните четири години во понеделник поради конфликтот на Блискиот Исток откако САД и Израел го нападнаа Иран за време на викендот, а пазарот беше зафатен од страв дека затворањето на Ормутскиот теснец помеѓу Иран и Оман би можело да предизвика големи глобални прекини во снабдувањето со енергија.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека „масовната воена офанзива“, која ја нарече „Операција Епски бес“, ќе продолжи сè додека не се постигнат целите на САД.
Израел започна нови напади врз цели на Иран и на Хезболах во Либан доцна во неделата, што следеше по нападите на Иран врз воени и инфраструктурни цели во неколку земји во регионот.
Техеран возврати со ракети врз американските бази во соседните земји, вклучувајќи ги ОАЕ, Бахреин, Кувајт, Катар, Саудиска Арабија, Јордан, Ирак и Сирија.
Во меѓувреме, нафтениот картел ОПЕК+ се согласи во неделата да го зголеми производството за 206.000 барели дневно во април, со што заврши тримесечната пауза, но далеку под претходно дискутираните 411.000-548.000 барели дневно.
Европските индекси паднаа од рекордните нивоа забележани минатата недела поради кризата на Блискиот Исток.
Индексот DAX во Франкфурт падна за 2,32 проценти на 24.729,24 поени денес во 10:00 часот наутро, францускиот CAC 40 падна за 1,92 проценти на 8.413,92 поени, британскиот FTSE 100 падна за 1,02 проценти на 10.799,84 поени, додека московскиот MOEX порасна за 1,74 проценти на 2.847,19 поени.
Индустрискиот просек Dow Jones падна за 1,05 проценти на 48.977,92 поени на затворањето на тргувањето во петокот, S&P 500 падна за 0,43 проценти на 6.878,88 поени, а Nasdaq падна за 0,92 проценти на 22.668,21 поени.
Европските фјучерси за гас за април се тргуваа по цена од 38,050 евра за мегават-час на отворањето на берзата TTF денес.
Според моменталните податоци, цената на суровата нафта се зголеми за 9,17 проценти на 73,137 долари, а цената на нафтата од типот Брент се зголеми за 9,81 проценти на 79,872 долари.
Цената на златото се искачи на 5.412,64 долари за тројанска унца, а цената на пченицата на 5,9332 долари за бушел (еден бушел е 27,216 кг).
Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Форекс е 1,17012 долари, што е за 0,93 проценти помалку отколку на почетокот на тргувањето.
