Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц изутринава потврди дека нема да се кандидира за нов мандат на функцијата прв човек на Европарламент и дека „се враќа на германската политичка сцена“, јави дописникот на МИА од Стразбур.
– Донесов одлука. Нема да бидам кандидат за трет мандат како претседател на Европскиот парламент. Идната година ќе бидам кандидат за изборите за Бундестагот, како предводник на листатата на Социјалдемократска партија на Германија (СПД) во Северна Рајна-Вестфалија на парламентарните избори во 2017 година, изјави Шулц.
Шулц, чиј мандатот на функцијата претседател на Европскиот парламент истекува во јануари, призна дека неговата одлука „не била лесна“.
Тој уште вчера во изјава за телевизијата А-Ер-Де соопшти дека ќе се повлече од функцијата и дека ќе се врати на политиката во неговата родна Германија, наведувајќи дека денеска ќе ги појасни деталите.
Шулц, покрај актуелниот заменик-канцелар и министер за економија Зигман Габриел, е еден од можните кандидати на социјладемократите за германски канцелар.
Покрај ова, по очекуваниот избор на актуелниот шеф на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер за претседател на Германија во февруари 2017, Шулц би можел да стане нов германски министер за надворешни работи.
СПД се очекува својот кандидат за канцелар да го избер во јануари, откако актуелната канцеларка Ангела Меркел минатиот викенд потврди дека таа ќе бидат кандидата за канцеларската функција на Христијанско демократската унија (ЦДУ).