Во Грција од почетокот на месецот шест туристи загинаа поради големи горештини

Поради високите температури, кои достигнуваат и до 40 Целзиусови степени, од почетокот на месецот во Грција загинаа шест туристи, а неколкумина се водат за исчезнати.

Последната жртва е 67-годишен Германец, кој е пронајден мртов на островот Крит, соопшти денеска полицијата. Туристот во неделата сам излегол на прошетка во кањонот, а по неколку часа ѝ се јавил на сопругата и рекол дека не се чувствува добро.

„Операцијата за пребарување и спасување почна веднаш и специјална единица за спасување со дронови забележа тело на маж во кањонот Трипити“, изјави полициски претставник за „Ројтерс“.

Спасувачките екипи трагаат и по две Французинки на возраст од 73 и 64 години на островот Сикинос, како и по 59-годишен американски полицаец, кој е на одмор на островот Аморгос. Уште еден Американец беше пронајден мртов на грчкиот остров Матраки во Јонското Море минатата недела, а холандски турист беше пронајден мртов на егејскиот остров Самос претходно овој месец.

Телото на британскиот ТВ-водител Мајкл Мозли беше пронајдено на 9 јуни на Сими, остров во Егејското Море, по четиридневна операција за пребарување со авиони, дронови и чамци. Мозли наводно одел сам на високите температури пред да исчезне.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e