Путин: Oд утре за гас ќе се плаќа во рубли или ќе ги раскинеме договорите

Рускиот претседател Владимир Путин ѝ се обрати на јавноста откако во Москва потпиша указ според кој странските купувачи на руски гас од утре мора да плаќаат во рубли.

Тој предупреди дека договорите ќе бидат раскинати доколку другите земји не го платат рускиот гас во рубли. Таа одлука ја донел, како што рече, поради зајакнување на рускиот суверенитет.

„Кој сака да купи руски гас мора да отвори сметка во рубли во руските банки. Од овие сметки треба да одат плаќањата за гас, почнувајќи од утре“, рече Путин во телевизиско обраќање.

„Доколку плаќањата не се вршат на овој начин, ќе сметаме дека клиентите не ги исполнуваат своите обврски, а тоа ќе има свои последици“, додаде рускиот претседател.

„Никој ништо не ни продава бесплатно, па немаме намера ниту ние да даваме милостина. Тоа значи дека постоечките договори ќе бидат раскинати“, објасни тој.

Путин додаде дека Русија ќе ги спроведува договорите доколку купувачите ги почитуваат новите правила.

Рече и дека од пред неколку години започнала економската војна против Русија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e