Биолошките лаборатории кои се финансирани од Вашингтон, а се наоѓаат во близина на руските граници се голем ризик, изјави директорката на руската служба за фитосанитарен надзор (Роспотребнадзор), Ана Попова.
Како што вели, еден од елементите на заштита од нив е проектот „Санитарен штит“.
– Еден од биолошките ризици е развојот на синтетичката биологија. И кај нас вакцините се составени од различни амино киселини, тие симулираат протеини на одреден патоген. Но, на ист начин, денес е можно да се состави патоген. Се разбира, ризиците се многу високи и насочени против Русија. Ги разбираме заедно со колегите од другите ресори и им се спротивставуваме – рече Попова.
Таа оцени дека „Санитарниот штит на земјата“, кој се спроведува по наредба на рускиот претседател Владимир Путин како мерка за борба против пандемијата на Ковид и спречување на слични болести во иднина, е еден од елементите што го штитат руското население од такви закани.
– За жал, многу сме блиску до оние лаборатории кои имаат право да работат со најопасните патогени. И никој не знае точно на што всушност работат таму. Затоа, тоа се секако дополнителни ризици кои ги земаме предвид во нашата работа и од кои мора да го заштитиме населението на Руската Федерација. Тоа е лоша приказна, но таа постои. И ние мора да се заштитиме од тоа – нагласи директорот на Роспотребнадзор.
Според неа, „Санитарниот штит“ треба да се сподели со земјите од Комонвелтот на независни држави (ЗНД), со оглед на тоа што просторот и мерките за борба против инфекциите се заеднички.
– Имаме наредба од претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, да соработуваме со колегите во земјите на ЗНД за да им помогнеме да ја обноват поранешната, но изгубена истражувачка база за работа со патогени на високо ниво – додаде таа.
Да потсетиме, секретарот на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев во 2019 година предупреди дека САД ставиле во функција повеќе од 200 биолошки лаборатории ширум светот, вклучително и во соседните земји како Грузија, Украина и други.
Минатата година Патрушев посочи дека американските биолошки лаборатории ширум светот претставуваат реална опасност за здравјето на десетици милиони луѓе.