Откако Руската Федерација се најде под влијание на економските санкции кои не се паметат во модерното време, првиот контра-напад пристигна од Кремљ во понеделникот.
По средбата со неговите најблиски соработници од областа на економијата, претседателот Владимир Путин потпиша указ за примена на посебни контрамерки насочени кон САД и земјите што им се приклучија, вклучително и Европската унија. Мерките може да се резимираат како забрана за изнесување девизи од Русија.
Мерките, како што соопшти Кремљ, предвидуваат дека сите учесници во надворешнотрговската размена се обврзани да продадат 80 отсто од девизите добиени од странство од 1 јануари годинава. Правилото, како што е наведено, важи и за средствата кои се веќе акумулирани: тие мора да се продадат во рок од три дена.
Понатаму, забранети се девизните операции со давање девизи од руски резиденти во корист на нерезиденти според договорите за заем.