Пожар избувна во хотел во близина на Будимпешта: Има загинати, над 20 повредени

Тежок пожар избувна во хотел кој се користел како работничко сместување во Будакеши, западно од Будимпешта, при што има загинати лица, а повеќе од 20 се повредени.

Пожарот избувнал во раните утрински часови, околу 2:15 часот, во објект на улицата „Зичи Петер“. Пламените јазици за кратко време ја зафатиле кровната конструкција на двокатната зграда, а пожарникарите при пристигнувањето затекнале околу 200 квадратни метри веќе во пламен.

Според првичните информации, постои сомнеж дека експлозија на плинска боца го предизвикала пожарот, но точната причина сè уште се утврдува.

При пребарување на остатоците од објектот, спасувачките екипи пронашле тела на загинати лица, а властите предупредија дека првично имало неколку исчезнати лица, поради што не се исклучува можноста бројот на жртви да се зголеми.

Во акцијата учествувале голем број пожарникари од главниот град, кои користеле повеќе водени топови за локализирање на огнот. Од објектот биле отстранети и дополнителни плински боци за да се спречат нови експлозии.

Итната медицинска служба активирала протокол за масовни жртви – на терен биле испратени повеќе од 40 медицинари и 18 амбулантни возила. Вкупно 22 лица добиле медицинска помош, од кои четворица се во животозагрозувачка состојба, тројца со тешки повреди, а останатите со полесни. Повредените се пренесени во осум болници во Будимпешта.

Дел од луѓето биле спасени од објектот од страна на пожарникарите, додека други успеале сами да избегаат од зградата исполнета со чад. За раселените лица локалните власти обезбедиле привремено сместување.

Полицијата воведе сообраќајни ограничувања во реонот, а истрагата за причините за пожарот е во тек.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e