Потпретседателот на Движењето Самоопределување (ВВ) Бесник Бислими вели дека идната Влада на Косово, која ќе ја предводи лидерот на ВВ Албин Курти, може да се формира и без членови на Српската листа (СЛ), иако таа партија на парламентарните избори од 6 октомври победи убедливо во средините со српско мнозинство, јави дописникот на МИА од Приштина.
Бислими во интервју за порталот „ЕкономиаОнлајн“ вели дека СЛ, која обзнани дека за тоа дали ќе учествува во идната косовска влада ќе се консултира со Белград, за да стане дел од кабинетот на Курти првин треба да го почитува Уставот на Косово и да докаже дека ја признава косовската држава и работи за нејзино добро.
– Да, може да има влада без СЛ. Уставот вели јасно, во член 92.1, дека Владата на Косово треба да работи согласно уставот на Косово. Тоа значи дека ние ја признаваме државата Косово и работиме за доброто на оваа држава. СЛ треба да документира дека ја признава косовската држава и дека ќе работи за унапредување на интересите на Република Косово. Ние нема да дозволиме со нашиот буџет да дојдат луѓе или групи кои работат на рушење на сопствената држава, изјави Бислими.
Сепак, додава тој, „во овие констелации секоја страна е обврзана да биде малку пофлексибилна и покреативна, да се изнајде решение кое долгорочно ќе се покаже како најдобро“.