Почина првата жена во светот со пресадено лице: Од лековите добила рак

Првата пациентка со пресадено лице во светот, Французинката Изабел Диноар, која беше оперирана во 2005 година на 38-годишна возраст откако ја унакази нејзиното куче, починала „од последици од долга болест“, соопшти во вторникот универзитетската болница во Амјен, каде одела на контроли по операцијата.

Таа починала уште на 22 април, а веста за нејзината смрт била премолчувана поради заштита на приватноста на нејзиното семејството, се наведува во соопштението на универзитетската болница.

Според пишувањето на францускиот дневен весник „Фигаро“, кој прв ја открил оваа информација, телото на Изабел Диноар минатата зима „повторно го отфрлило пресаденото ткиво и таа не можела да ги мрда усните“.

„Поради тешките лекови кои до крајот на животот морала да ги зема против отфрлање на туѓото ткиво, двапати заболела од рак“, додава весникот.

Изабел Диноар на која нејзиното куче ѝ одгриза дел од лицето, во 2005 година беше првата личност во светот на која ѝ е пресаден дел од лицето помеѓу носот, устата и вилицата. Операцијата ја изведе медицински тим во кој беа професорот Жан-Мишел Дибернард, француски хирург кој во 1998 година прв во светот изведе операција на пресадување на шака, и професорот Бернар Девошел, максифацијален хирург.

Повредите на устата, носот и брадата биле толку екстремни што лекарите ја отфрлиле можноста за рутинска реконструкција на лицето. Наместо тоа, тие предложија за тоа време без преседан трансплантација на лицето.

Пресадувањето на дел на лицето беше овозможено благодарејќи на донорка која беше во состојба на енцефалитична мозочна смрт, со одобрение од нејзиното семејство.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e