Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по вчерашната победа на претседателските избори ќе го продолжи владеењето со нови и пошироки овластувања.
Изборната комисија ја потврди победата на Ердоган на претседателските избори во Турција, кои се вовед за нов претседателски систем, одобрен на референдумот минатата година. Според новиот систем, се укинува функцијата премиер, а извршните овластувања ќе бидат пренесени на претседател кој ќе има ограничена контрола на власта.
Аналитичарите сметаат дека ова ќе придонесе за економски пад и зголемена инфлација, а може и да ги загрози односите со западните земји, поради прекршување на демократијата и човековите права, како и блиските односи со Русија.
Според новиот систем, Ердоган ќе назначи министри, потпретседатели и функционери, ќе издава декрети, ќе го одредува буџетот и ќе одлучува за безбедностите мерки. Тој доби 52.5 отсто од гласовите, а на парламентарните избори, неговата партија АКП освои 42.5 отсто од гласовите.