Руската полиција приведе повеќе од сто лица за време на завчерашните првомајски протести. Одредени извори откриваат дека се приведени 124 лица – во најголем дел демонстрантите биле апсени во Санкт Петербург каде што стотици граѓани барале организирање на фер избори.
Сведоци откриваат дека полицијата грубо ги приведувала демонстрантите кои експресно завршиле во притвор.
Некои од демонстрантите носеле транспаренти повикувајќи на фер и транспарентни избори, а меѓу останатите пораки, можеби најмногу се истакнувале пораките против рускиот претседател, од кои најчеста била „Путин не е вечен“.
Како и во другите случаеви на анти-владини протести во Русија, и зад овие стоеле поддржувачите на најголемиот руски опозиционер и опонент на Путин, Алексеј Навални и токму тие биле приведувани од страна на руската полиција.
Анти-владините протести доаѓаат во моментите кога паѓа популарноста на рускиот претседател Владимир Путин кој иако некогаш според анкетите имаше поддршка од дури 90% од граѓаните, таа поддршка во последниот период падна на 60%.
Главна причина за падот на популарноста на рускиот претседател може да се каже дека е одлуката за зголемување на старосната граница за заминување во пензија, но и зголемување на ДДВ-то.