Висок дипломатски извор во ЕУ денеска на брифинг со новинарите во Брисел увери дека одлуката да се одложи дебатата за западниот Балкан на претстојниот Совет за надворешни работи е исклучиво поради тоа што средбата не е физичка, јави дописничката на МИА од Брисел.
-Одлуката да ја одложиме дебатата за Западен Балкан за мај е апсолутно, директно и стопроцентно поврзана со промената на природата на Советот за надворешни работи, од физичка на видеоконференција, а за Западен Балкан сметаме дека заслужува искрена и отворена дискусија, најверојатно со интервенција од господинот Лајчак, изјави дипломатот на средбата со новинарите.
Од почетокот на годинава се одлага дебатата за Западен Балкан и покрај тоа што излегоа загрижувачки шпекулации околу можни стратегии за поделба на земји од регионот како што е случај со наводниот нон-пејпер од Словенија.
Дипломатот објасни дека за високиот претставник за надворешни работи, Жосеп Борел, Западен Балкан е меѓу највисоките приоритети и земјите членки имаат потреба да разговараат очи во очи за регионот.
-Ќе имаме потреба да разговараме за Босна, Косово, проширувањето, ќе биде екстремно важно, затоа е одложено, треба да се збори лично, ќе има добра дебата во мај, Западен Балкан најверојатно ќе биде и првата точка на дискусија, ситуацијата во регионот се одвива во разни насоки и не се многу позитивни, така што потребна ни е добра дискусија, изјави овој висок дипломат на ЕУ.