Нивото на проблематични кредити (НПК) во Европската унија е преполовено во изминатите четири години, објави Европската банкарска агенција (ЕБА).
Зад просекот се Грција и Кипар, кај кои бројот на лоши заеми сè уште е голем.
Обемот на НПК во банките на ЕУ се намали од 1,150 милијарди евра во јуни 2015 година, кога тие учествуваа со 6,0 проценти од вкупното портфолио на заеми, на 636 милијарди евра, покажуваат податоците на ЕБА што ги пренесе Ројтерс.
Како примерок во истражувањето, ЕБА анализира 150 банки на ЕУ со учество од над 80 проценти во вкупната актива на овој сектор. Падот на НПК е резултат на регулаторна интервенција, политичка определба за соодветно решавање на проблемот, поттик обезбеден од економски раст и ниски каматни стапки, соопшти ЕБА.
Иако просечното ниво на НПК во европскиот блок е преполовено, некои земји сè уште имаат високи нивоа на проблематични заеми. На пример, во Грција НПК во јуни годинава беше 39,2 проценти, а во Кипар 21,5 проценти.
Во пет други земји, тоа ниво е над пет проценти. Во 2015 година, десет земји-членки на ЕУ објавија двоцифрени НПК. Италија забележа најголем пад на проблематичните заеми од дури 145 милијарди евра во последните четири години.
Во Шпанија нивното ниво е намалено за 81 милијарди евра, во Велика Британија за 60 милијарди евра, а во Германија за 43 милијарди евра. Лошите заеми сега претставуваат скоро осум проценти од вкупните кредитни пласмани во Италија, што претставува значителен пад од скоро 17 проценти во јуни 2015 година.