Штетите од катастрофалните поплави во Словенија ќе достигнат неколку милијарди евра, изјави премиерот Роберт Голоб. Најголемите поплави досега во Словенија предизвикаа смрт на најмалку шест лица, однесоа куќи и оставија села во урнатини. Поројните дождови со денови паѓаа во речиси две третини од земјата, уништувајќи згради и мостови.
Илјадници словенечки граѓани се евакуирани од нивните домови низ северозападна и централна Словенија, а армијата, пожарникарите и спасувачите се обидуваат да ослободат други и да ги расчистат улиците.
За ефикасна санација ќе биде потребно „да се направи сè и да се струга секаде каде што е можно“ и да се добијат што повеќе средства од европските фондови и помош од странство, рече премирот Голоб.
Словенечката агенција за животна средина објави дека надојдените води вчера почнале да се повлекуваат, но некои области се уште се отсечени. Европската Унија понуди тешки машини и инженерски единици. Словенија, исто така, побара хеликоптери, војници и монтажни мостови од воената алијанса на НАТО. Хрватска и Унгарија помогнаа со хеликоптери, а Германија со тим за цивилна заштита.
Помош за Словенија најави и С Македонија, а шефот на државата Пендаровски во разговор со словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар изразил жалење и сочувство до Словенија и сите нејзини жители за загубите и штетите претрпени во поплавите и искажа подготвеност за помош.
-Словенија е голем пријател на Северна Македонија, дом на многу наши сограѓани, наш сојузник во НАТО, држава со која соработуваме во повеќе процеси и иницијативи, а целиме да имаме и заедничка иднина во рамки на ЕУ. Македонското општество се сеќава на помошта која Словенија ни ја дала во минатото при справување со природни непогоди и ние сме подготвени да помогнеме согласно искажаните потреби од словенечката страна во рамки на нашите можности, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот Пендаровски.