Ако од 1 јули стапува во сила укинувањето на роаминг услугата за граѓаните во државите во Западен Балкан ( според потпишаниот догвор меѓу Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Косово н.з.) наскоро може да се очекува да се кренат и граничните рампи и патувањето во шест држави од овој регион да биде само со лична карта. Работната група од претставниците на шест држави од Западен Балкан ќе ги продолжи разговорите за регионален договор за поминување на границите само со лична карта, пишува Klix.ba.
Разговорите се одвиваат под координација на Регионалниот совет за соработка, а врз основа на декларацијата која лидерите и претставниците на државите на Западен Балкан ја потпишаа на самитот во Софија во рамките на Берлинскиот процес минатата година. Идејата на овој договор е да се олесни движењето, да се зајакнат врските и економската соработка во регионот.
Со оглед на тоа дека се ближи нов самит на Берлинскиот процес постои надеж договорот за поминување на границата само со лична карта наскоро да биде постигнат.