Најмалку 29 загинати во експлозија на пазар на пиротехника во Мексико

Најмалку 29 лица загинаа, а 70 се повредени во серија експлозии, што се случија на пазар за пиротехника во Тултепак, во Мексико.

Пиротехниката била подготвена за претстојните католички божикни празници, кога дошло до првата експлозија, јави Би-Би-Си.

Тоа предизвикало да се покренат цела серија други експлозии, што целосно го уништиле пазарот.

Засега не се знае што ја предизвикало првата експлозија на лесно запаливите материјали и на големото количество барут во бројните предмети и направи за традиционалните празнични огномети, што се многу популарни кај Мексиканците.

Полицијата и спасувачките екипи изјавија дека експлозиите биле толку силни што ѕидовите на објектите каде била чувана пиротехниката „практично биле стопени“ од високата температура што притоа се развила.

На местото на несреќата биле испратени и припадници на мексиканската армија кои помагаат при пружањето помош на луѓето и во обезбедувањето на теренот од можни нови експлозии.

Големата несреќа се случи на пазарот Сан Паблито, оддалечен околу 40 километри од главниот град Мексико Сити.

Изработката на пиротехника е главната индустриска гранка во Тултепак.

Ова не е првпат ваков инцидент да се случи на пазарот во Сан Паблито.

Во 2005 година, овој пазар беше тешко оштетен од слична, серија од експлозии на пиротехника , тогаш, подготвена за денот на независноста на Мексико. Во оваа несреќа, десетици луге беа полесно и потешко повредени.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e